Околу 170.000 луѓе се пријавиле на тестовите што би можеле да им обезбедат добро платена и сигурна работа во институциите на Европската Унија, но шансите за успех се мали бидејќи се очекува да бидат достапни помалку од 1.500 работни места.
Во соопштение објавено еден ден по истекот на рокот за пријавување, Европската канцеларија за избор на персонал (EPSO) соопшти колку кандидати поднеле апликации. „Оваа бројка ги надмина сите очекувања. Кандидатите ќе бидат информирани за следните чекори веднаш штом тоа ќе биде можно“, наведоа од агенцијата.
Следната фаза од селекцијата вклучува когнитивни тестови и испити што ќе се одржуваат во наредните месеци. Кандидатите кои успешно ќе ги положат ќе можат да аплицираат за работни места во институциите на ЕУ во категоријата AD-5, каде месечната плата се движи меѓу 6.000 и 7.000 евра, со можност за напредување кон значително повисоки позиции во иднина. Сепак, бројот на достапни работни места е далеку помал од бројот на пријавени. Околу 1.500 позиции се наоѓаат на листата на потенцијални работни места, но ниту тоа не значи гарантирано вработување.
Овој конкурс е наменет за кандидати со општ профил, а не за специјалисти од области како човечки ресурси, право или преведување. Ваква постапка за вработување не била организирана од 2019 година, поради што многу идни службеници во меѓувреме работеле како привремени соработници или преку агенции, без сигурноста и бенефициите што ги имаат редовно вработените во институциите на ЕУ.
Некои земји дури покренале и посебни кампањи за да ги охрабрат своите граѓани да се пријават, гледајќи во тоа можност да ја зголемат својата застапеност во институциите на Унијата и да го засилат своето влијание во наредните децении.
Кога конкурсот за позициите AD-5 последен пат беше организиран пред седум години, се пријавиле 22.644 кандидати, додека оваа година првично се очекувало бројката да достигне околу 50.000.
Овогодишните EPSO тестови ќе се одржат онлајн, за разлика од претходните години кога кандидатите полагале испити во специјални центри. Сепак, експертите предупредуваат дека организирањето тестирање за толкав број кандидати претставува сериозен логистички предизвик.
Извор: Politico



