Над 130 лица повредени при бегање од земјотресите, градскиот штаб евидентира над 40 оштетени објекти

Уште 30-тина граѓани синоќа и утринава побарале лекарска помош поради земјотресите во Скопјем кои не ги почувствувале повредите во текот на денот, јавува 24 здравство. Повеќето имале скршеници, набиеници по телото, расекотини или вртоглавици од стресот.

Вкупната бројка на повредени по вчерашниот силен земјотрес се искачи на околу 130 лица. Најголемиот дел се од 30 до 60 годишна возраст. Речиси сите се здобиле со повреди додека во паника бегале од нивните домови.

Од Градскиот штаб за заштита и спасување, пак, информираат дека ги продолжуваат своите активности на терен.

„ Во сите пунктови на јавните претпријатија и Бригадата за противпожарна заштита е зголемен број на екипи со 24 часа дежурства и истите се во продготвени за интервенција. Покрај нив, Градскиот штаб за заштита и спасување ги координира и активностите на општинските кризни штабови кои се мобилизирани.

Во текот на овој период имаше поголем број интервенции, од кои најголемиот број беа интервенции на Бригадата за противпожарна заштита на запалени електромотори на лифтовите во зградите, кои се запалиле поради краток спој предизвикан од земјотресите.

Паралелно со нив, поголем број екипи, предводени од стручните лица од ИЗИИС, од вчеравечер се на терен и работат на евиденција на оштетувањето на објектите кои се од приоритетно јавно значење, како што се училиштата, градинките, болниците и станбените објекти за домување. До овој момент поминати се над 40 објекти“, се вели во соопштението.

Вчера во Скопје беа регистрирани повеќе земјотреси, а послаби беа почувствувани и денеска, едниот во 11 часот и 50 минути, а другиот во 14:19 часот. Според Сизмолошката опсерваторија при ПМФ, земјотресите биле со магнитуда од 2,3 и 3.7 степени според Рихтеровата скала.

Најсилниот земјотрес вчера е регистриран во 15:10 часот со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер, а епицентарот беше на 7 километри североисточно од Скопје. #земјотрес