Над 120 000 Венецуелци викендов ја минаа границата со Колумбија во потрага по храна и лекови

Над 120 000 Венецуелци во текот на викендот ја минале границата со Колумбија во потрага по храна и лекови, од кои има сериозен недостиг во нивната земја.

Многумина возеле и цела ноќ за да дојдат од градовите кои се наоѓаат на 10 часа патување со автомобил.

„Тажно е ова што го правиме, но ние, исто така, знаеме дека таму ќе најдеме нешто“, изјави Роса Карденас, 70-годишна учителка во пензија, придружена од нејзината петмесечна внука.

Веќе втор викенд по ред социјалистичката Влада во Венецуела ја отвора границата со Колумбија за да им даде можност на луѓето да ги набават неопходните производи. Оваа шанса во саботата ја искористиле 35 000 лица и уште 88 000 во неделата, или вкупно 123 000 лица.

Венецуела се наоѓа во тешка криза, заострена од драстичниот пад на цените на нафтата. Социјалистичката економија бележи хроничен дефицит за редица производи.

Пред една година венецуелските власти ги затворија сите гранични премини долж 2.219 километри долгата граница со Колумбија. Нивниот аргумент тогаш беше дека шпекуланти го предизвикуваат недостигот од производи бидејќи за ниски цени ги купуваат субвенционираната храна и горива за потоа да ги препродаваат многу поскапо во соседната земја.