Над 100 организации за заштита на деца бараат забрана на AI-алатки за „разгoлување“

Повеќе од 100 хуманитарни и организации за заштита на деца повикаа на итна акција против апликациите и алатките базирани на вештачка интелигенција што се користат за „разгoлување“ на лица од фотографии, предупредувајќи на сериозни последици по безбедноста и човековите права. Во коалицијата се вклучени Amnesty International, Европска комисија, Интерпол, Safe Online и Save the Children.

Иницијативата следи по скандалот со четботот Grok, развиен од компанија на Илон Маск, кога корисници бараа од алатката да „отстранува облека“ од фотографии на жени. Трендот започна со измена на фотографии во стил „облечи ја во бикини“, но брзо прерасна во создавање експлицитни и сексуализирани содржини. Таквите неавторизирани слики масовно се ширеле на социјалната мрежа X и, според проценките, биле генерирани милиони вакви содржини.

Организациите предупредуваат дека алатките за „нудификација“ сè почесто се поврзуваат со уцени, принуда и материјали на сексуална злоупотреба на деца, при што жртвите најчесто се жени и малолетници.

„Овие алатки создадоа досега невидена закана за децата. Технологијата што треба да ги прошири човечките можности се претвора во оружје против нив“, изјави Марија Манојловиќ од Safe Online, нагласувајќи дека онлајн злоупотребата има реални и длабоки последици.

Коалицијата бара забрана на ваквите алатки, блокирање на нивната дистрибуција и поголема одговорност од технолошките компании, вклучително и обврска за пријавување на сторителите и прекин на финансиските текови поврзани со незаконска содржина. Според нив, ваквите технологии немаат општествено корисна цел и претставуваат сериозна закана за достоинството и безбедноста на децата.

Извор: EuroNews

Фото: Freepik