Над 10 000 учесници од 58 земји го трчаа Скопскиот маратон

Kако и изминатите години кениските маратонци беа најдобри на традиционалниот 14. Виз Ер Скопски маратон 2018. Годинава низ улиците на Скопје трчаа над 10.000 пријавени учесници.

Прв на целта пристигна Еванс Бивот од Кенија по истрчани два часа, 14 минути и 8 секунди, оставајќи ги зад себе сонародниците Џон Лангат кој стигна на целта 51 секунда подоцна, а трет беше Хосеа Кипротич со 2 часа, 28 минути и 58 секунди, исто така, од Кенија.

Во женска конкуренција, победи Џедида Карунгу која заврши со време од 2 часа, 51 минута и 24 секунди, втора беше Марија Врајиќ со три часа и 2 минути, а трета Андријана Поп Арсова со три часа, 5 минути и 4 секунди. Со ова време Андријана Поп Арсова го урна државниот рекорд во маратон за жени.

Во полумаратонот, прв ја помина целта нашиот Дарио Ивановски, кој ја истрча патеката за еден час и 9 минути и 10 секунди, пред Атанас Анчевски со резултат од еден час, 14 минути и 44 секунди и Милош Ранчиќ со еден час, 15 минути и 56 секунди. Кај дамите првите три места ги освоија Миљана Ристиќ со еден час, 29 минути и 15 секунди, Амела Трозиќ со еден час, 32 минути и 22 секунди и Силвија Шимуновиќ со еден час, 35 минути и 6 секунди.

На трката на 5км, којашто беше најмасовна, кај жените најуспешни беа Греса Бакрачи, Марго Бојаџиева и Викторија Ѓорѓеска, а кај машките натпреварувачи први беа Богдан Цветковски, Кристијан Стојани и Леонид Вандевски.

Организатори на годинешното издание на Виз Ер Скопски Маратон 2018 се: Град Скопје и Сојуз на спортови на Скопје, Агенцијата за млади и спорт, како и Атлетската федерација на Република Македонија, Европската Унија во Македонија и атлетските клубови. Оваа година на маратонот што се трчаше низ улиците на Скопје имаше рекордна пријавеност од над 10.000 пријавени од 58 земји од светот.

На Виз Ер Скопскиот маратон, учесниците можат да исполнат норми за учество на сите најзначајни европски и светски шампионати, како и за Олимписките игри, а овој настан се организира по повод Денот на Европа.

Град Скопје од Буџетот и годинава за оваа намена издвои 1.500.000 денари, и ги стави на располагање и сите јавни претпријатија под негова ингеренција.