Над 1.000 вработени во Гугл протестираат поради планот за цензуриран пребарувач во Кина

Повеќе од илјада вработени во Гугл се потпишани на писмо преку кое изразуваат протест за тајниот план на компанијата да изработат пребарувач кој ќе биде во согласност со кинеската цензура.

Гардијан пишува дека содржината на писмото била потврдена од вработен во Гугл, кој помогнал во организацијата на протестот, но сакал да остане анонимен. Директорите се повикуваат да ја проверат етичноста и транспарентноста на компанијата, бидејќи вработените имаат недостаток од потребни информации за да носат етички информирани одлуки за нивната работа. Во писмото е наведено и дека голем број од вработените разбрале за овој проект, наречен „Драгонфлај“, преку медиумите.

„Итно ни е потребна поголема транспарентност, место на масата за одлуки и заложба за јасни и отворени процеси. Вработените во Гугл треба да знаат што создаваат“, стои во документот.

Според текстот на Њујорк Тајмс, инженерите на Гугл работат на софтвер кој ќе блокира одредени зборови при пребарувањето и ќе ги отстранува содржините кои се на „црната листа“ на кинеската влада од понудените резултати. Целта, според весникот, е компанијата повторно да влезе на кинескиот пазар.

Гугл го напушти кинескиот пазар пред осум години поради цензура и хакирање.

Њујорк Тајмс информира и дека во текот на вчерашниот ден генералниот директор на Гугл, Сундар Пичаи, на вработените им пренел дека развојот на пребарувачот бил во рана фаза и дека компанијата не е блиску до пуштање во употреба на пребарувачот во Кина. Пичаи на состанокот рекол и дека понудата на повеќе услуги во најнаселената држава во светот се совпаѓа со глобалната мисија на Гугл.

Надлежните во компанијата не коментираат јавно за проектот „Драгонфлај“ и информациите од состанокот на компанијата се први во кои се спомнува проектот по протечените детали.

Вработените бараат од Гугл да направат група за проверка на етичноста, да бидат назначени правобранители кои ќе спроведат независни контроли и внатрешни процени за проектите кои подигаат поголеми етички дилеми.

Три луѓе кои претходно работеле на кинеските проекти на Гугл, за Ројтерс изјавиле дека моменталното раководство на компанијата смета дека лимитиран пребарувач во Кина е подобро отколку тоа да нема пребарувач во оваа земја.

Гугл во моментов нуди неколку услуги на кинеските корисници како „Гугл Транслејт“ и „Фајлс Гоу“, а компанијата има канцеларии во Пекинг, Шенжен и Шангај. Сепак, најголемите производи на компанијата – нивниот пребарувач, електронската пошта и продавницата за апликации „Плеј Стор“, не се достапни.

Кинеската заедница за човекови права изјави дека согласноста на Гугл на кинеската цензура би било „црн ден за интернет слободата“.