Над 1 000 извидници ќе учествуваат во 12. македонска извидничка смотра

Во периодот од 14 до 22 јули 2018 во Охридското село Скребатно ќе се одржи 12-та македонска извидничка смотра која е во организација на Сојузот на извидници на Македонија, а на која ќе учествуваат над 1.000 извидници од 12 европски земји.

Овој извиднички настан од интернационални размери се одржува на секои пет години, додека негов генерален покровител и оваа година е Претседателот на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов. Со помош на невладините организации и добронамерните партнери и спонзори, Сојузот и оваа година ќе организира еднонеделен настан, каде заинтересираните посетители ќе можат да го посетат секој ден од 10 до 19 часот, како би можеле одблиску да се запознаат со извидничките вредности и со културите на извидничките одреди ширум Европа.

Смотрата е најголемиот настан кој го организира еден сојуз и истиот претставува голем собир на извидници во еден камп, кои во текот на една недела живеат заедно и го искусуваат извидничкиот живот во вистинска смисла. Смотрите се организираат на секои пет години и освен на национално, се организираат и на светско ниво, при што учествуваат повеќе од 4.000 извидници. Со самото тоа што за време на смотрите се стекнуваат нови пријателства, искуства, вештини и се создаваат спомени кои траат вечно, овој настан е уникатно извидничко доживување кое е задолжителна авантура за секој извидник.

Првата извидничка смотра во Македонија се одржала во далечната 1958 година на Езерото Младост во близина на Велес. На годинешната ќе учествуваат извидници од Македонија и од 11 европски земји: Белгија, Бугарија, Германија, Израел, Словачка, Србија, Украина, Франција, Хрватска, Црна Гора и Чешка.

Како што гласи и мотото на 12-тата Смотра, овој настан е „Бескрајна приказна“ која се пренесува од генерации на генерации, славејќи го извидничкото движење и нудејќи незаборавни искуства и моменти со повеќе од 1.000 извидници од сите делови на Македонија и Европа.

„Самата локација и теренот нудат голем број на можности за извиднички авантури и забава. Планинскиот терен и околина на селото нудат прекрасен терен за копнените активности кои се дел од програмата, како планинарење, хајк, качување по карпа, потрага по богатство, додека непосредната близина на кампот до Охридското Езеро и реката Црни Дрим овозможуваат реализација на доста водени активности како, пливање, нуркање, едрење, рафтинг и многу други, но секако и можност за запознавање на извидниците со убавините кои ги нуди Охридскиот регион“, информираат од Сојузот на извидници.