Националните финансови политики во културата – промоција на публикација и јавна расправа во КСП Центар Јадро

„Националните финансиски политики во културата“ – публикација која се фокусира на аспектите од финансирањето во кои државата потфрла, а е во авторство на економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, ќе биде промовирана на 10 февруари, петок.

Со почеток во 12 часот во просториите на КСП „Центар Јадро“, по промоцијата ќе следува и јавна расправа, а ќе се зборува и за тоа кои се следните чекори што треба да се преземат за надминување на критичната состојба во независниот културен сектор.

Во разговор со Јовановиќ, на промоцијата збор ќе земе културниот работник и активнист Теодор Целакоски од Хрватска.

Дискусијата ќе ја модерира културната работничка и историчарка на уметност Тијана Ана Спасовска.

Од Јадро, Асоцијацијата на независна културна сцена велат дека веќе 10 години будно следат и застапуваат за подобрување на условите на независната културна сцена.

Од Асоцијацијата истакнуваат дека овој документ за јавни политики е издаден со цел да се анализира државното финансирање во културата, за појасно застапување за достоинствени средства за вложување во одржувањето на независната културна сцена.

„Првиот дел од документот е посветен на анализа на државните буџети за култура, додека вториот се фокусира на годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2021 и 2022 година“, дополнуваат од таму.

Рефлектор: Македонија е претпоследна земја од регионот по вложувањата во култура