Националниот младински совет реагира на кочењето на изборот на младински претставник за РИКО

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), преку соопштение до медиумите, апелира до институциите да не го кочат изборот на младински претставник за Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).

Во продолжение Радио МОФ интегрално го пренесува соопштението од НМСМ:

Нетранспарентноста и непрофесионалниот однос од страна на Агенцијата за млади и спорт го кочат изборот на младински претставник за РИКО. За таа цел, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) апелира институциите да дозволат младите да изберат свој младински претставник за Регионалната канцеларија за младинска соработка.

Искажуваме загриженост и разочараност поради неможноста Агенцијата за млади и спорт соодветно да ги вклучи младинските организации и избере претставник на младите во Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).И покрај тоа што РИКО е една од најзначаните регионални политки за млади и ќе овозможи на многу млади луѓе различни програми и размени во земјите од западен Балкан, сметаме дека оваа политика не го добива вниманието кое го заслужува од страна на институциите на државата.

Она што мораме да го нотираме е дека:

  1. Во работната група се примени членови номинирани од граѓански организации кои не се активни според Централниот регистар на Република Македонија и Агенцијата не дозволува да се има јавен увид во сите апликации и целата документација произлезена од конкурсот објавен за проширување на работната група;
  2. Право на глас имаат и членовите на работната група кои се претставници на институции, a кои веќе имаат свој загарантиран претставник;
  3. Нема достапна и целосна листа на имињата на членовите на работната група и организациите преку кои секој член се има номинирано;
  4. Еден од кандидатите за Управниот одбор беше член на работната група, што е спротивно на критериумите во повикот.

И покрај нашите напори ова прашање да го решиме низ конструктивни дискусии во работна група и преку институционален пристап во повеќе наврати, да ги адресираме овие недоследности до Агенцијата за млади и спорт, во целиот овој процес тие се игнорантни на забелешкитеи критиките кои имаат за цел да ја зголемат транспарентноста на процесот. Ова се потврди со фактот дека АМС одржа состанок за гласање за претставникот, иако овие дилеми не беа разрешени. Гласањето се случи во вторник 13.09.2016, а пријавени беа тројца кандидати. Поради тоа што ниту еден од кандидатите не го освои потребниот број на гласови, младински претставник не се избра, а Агенцијата за млади и спорт, без консултација со работната група создадена да избере претставник, објави нов повик.

Апелираме до инсититуциите да ја препознаат улогата на младите во носењето на одлуки и политики наменети за нив, посебно Регионалната младинска канцеларија како политика која го гарантира младинското учество и да ги чујат нашите забелешки и предлози. Без тоа ризикуваме, наместо да бидеме дел од процес кој ќе беше пример во регионот, младите во Македонија да бидат искористени како декор за верификација на политичка одлука без реално учество.