Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство повика да се донира во Интервентниот женски фонд

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство повика да се донира во Интервентниот женски фонд, односно фонд за парична помош на жени жртви на насилство кои сакаат да ја напуштат насилната средина.

Првичното отворање и промоција на фондот се случило во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против насилство врз жените“ во 2017 година.

„Идејата за ваков фонд постои одамна, особено земајќи го предвид фактот што голем дел од жените жртви не го пријавуваат насилството и не ја напуштат насилната врска поради економската ситуација и недоволната финансиска моќ да ги покријат сите трошоци“, велат од Националната мрежа.

Фондот е наменет за помош на жени кои се жртви на насилство и кои сакаат да ја напуштат насилната средина.

„Иницијалната помош е за обезбедување медицинска документација, извештаи од специјалисти, ангажирање адвокат до моментот на добивање бесплатна правна помош, како и други итни мерки за поддршка на жената да излезе од насилната врска“, појаснуваат од Националната мрежа.

Оттаму изготвиле Правилник за тоа кој би можел да добие средства од фондот, како и за процесот на доделување на средствата.

„За полнење на фондот, покрај повикот до локалната самоуправа и до приватните фирми, Националната мрежа ги повикува и сите физички лица кои сакаат да помогнат на жените жртви на насилство, да донираат на следниве броеви за донации:

А1 – 143 477
Телеком – 143 300
Жиро сметка: 200003247799194 – Стопанска банка АД Скопје“, стои во објавата.