#НаЧас: Интегрирани или сегрегирани училишта?

Скоро деценија од најавата на моделот за интегрирано образование во Македонија, колку денеска сме поблиску или подалеку од целта која требаше да ја постигне овој концепт? Колку училиштата го надминуваат, а колку го продлабочуваат јазичниот и етничкиот јаз помеѓу младите, а колку политиката помага или одмага во тој процес? Зошто придвижувањето на ова важно прашање главно е оставено на невладиниот сектор?

На овие прашања, овој четврток (7 декември), во 13 часот, дискутираме во седмата епизода #НаЧас, серијалот дискусии за подобро образование. На темата „Интегрирани или сегрегирани училишта?“ ќе разговараме со Флорим Реџепи од ЦИД Куманово, Фатош Усаинова од Ромски ресурсен центар, Небојша Мојсоски од МЦГО и професорот Абил Бауш.

Дискусиите „На час“ – за подобро образование се емитуваат секој четврток, во 13 часот, со аудио пренос на Радио МОФ и видео пренос на нашата Фејсбук страница. За сите прашања, коментари и забелешки на Твитер активен е и хаштагот #НаЧас.

Периодот кој следи наговестува дека ќе се случуваат многу значајни промени во образованието, а со цел да се добие видливост и отвори дебата на предложените политики го започнуваме овој тематски серијал посветен на образованието. Радио МОФ е младински медиум кој ги има како главен фокус: студентските и средношколските права, студентскиот стандард и создавањето на политики во образованието. Токму затоа, опширното, сликовито и сеопфатно информирање на јавноста за теми поврзани со образованието и животот на учениците и студентите го сметаме за еден од приоритетите.

Серијалот „На час“ е финансиран и се спроведува во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.