Набрзина изработени книги, со лажни автори, го користат стравот од коронавирусот за профит

Додека заразата со новиот коронавирус се шири на светско ниво, луѓе се обидуваат да профитираат од паниката и стравот преку брзо подготвени книги кои нудат совети за заштита од Ковид-19 или справување со карантинот.

Порталот Андарк (Undark) истражувал повеќе објавени книги објавени за продажба во последниве два месеци, во кои регистрирале голем број печатни грешки и лоши граматички конструкции, кои го преплавиле интернет пазарот на продажба на книги.

Барем пет од овие книги се појавиле меѓу топ 100 најпродавани книги на Амазон во рубриката „медицински е-книги“. Додека една книга поврзана со коронавирусот и маски за лице е на првото место како најпродавана книга во оваа категорија.

Во нивната сторија, тие објаснуваат дека се појавиле стотици наслови на тема поврзана со коронавирусот, а голем дел од нив се објавени под лажни имиња. Еден серијал книги, со наслов „Коронавирус 101: Сè што треба да знаете за да ја избегнете болеста и да се заштитите себеси“ го има наведено извесен д-р Зо Готлиб како коавтор на книгата. Сликата од авторот е жена во медицински мантил сликана одзади, која е преземена од сајтовите наменети за продажба на генерички фотографии. А за авторот се тврди дека е „експерт за психологија и инфективни болести“ со диплома од Универзитетот во Калифорнија. Сепак, пребарувањето на ваков доктор не води кон никаков резултат, додека по прашањата на Андарк, дел од овие книги биле повлечени од продажба.

Постојат и книги во кои како автор се појавува д-р Санџај Гупта, што се совпаѓа со познат медицински аналитичар за Си-Ен-Ен, но со целосно различна биографија. Додека друга публикација тврди дека е изработена од целосно измислена агенција за здравје и човечки услуги. Книгите моментално се отстранети од Амазон.

Дел од книгите кои се појавиле на интернет платформите за продажба ФОТО: Андарк

„Знаме дека измамниците едноставно обожаваат кризи и моменти на паника. Тие цутат во моменти на несигурност и нестабилност, кога луѓето се емотивни и не се сигурни која страна е правата страна“, објаснува новинарката и авторка Мариа Коникова, која има напишано книга за мотивите и тактиките на измамниците.

Дел од книгите покрај печатни грешки се занимаваат и со темни теории на заговор поврзани со потеклото на вирусот, додека други изданија едноставно ги повторуваат јавно достапните информации од здравствените организации.

Нема информации колку ваквите книги досега се продавале. Амазон одбиле да дадат интервју на оваа тема, но во нивен одговор по мејл, од компанијата изјавиле дека од продавачите на книги секогаш се бара да обезбедат точни информации за продуктот и дека оние производи кои ги кршат овие правила се тргаат од продажба.

Целосната сторија можете да ја прочитате на следниов ЛИНК.