Набљудувачите регистрираа повеќе нерегуларности и во попладневниот изборен период

ЦИВИЛ посочи дека во општина Сарај во 15:55 часот е регистриран инцидент – полнење избирачки кутии, па ги повикаа институциите да го испитаат случајот и превземат мерки.

Според ЦИВИЛ, избирачкиот список продолжува да биде проблем насекаде во Македонија. На прес-конференцијата во 14 часот тие соопштија дека има над 1.000 граѓани кои не можеа да го остварат своето гласачко право. Тој продолжува да биде проблем и во попладневните часови.

„Избирачкиот список е во хаос, а граѓаните не можат да најдат одговор во институциите, кои се немоќни и одмавнуваат со главата“, рече Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

Според ЦИВИЛ, гласале четири починати лица. Исто така, фантомски гласач бил заокружен во избирачкиот список, а продолжуваа и агитацијата и заплашувањето на гласачите. Дополнително, потенцираа дека и избирачки одбори ја кршат изборната процедура.

„Во повеќе случаи избирачкиот одбор или не знае, или не сака да ја спроведува изборната процедура – професионално и според стандардите“, рекоа од ЦИВИЛ, дополнувајќи дека семејното и групно гласање доживува подем во попладневните часови.

Од Граѓанската асоцијација МОСТ веќе посочија на повеќе неправилности, меѓу кои и во општина Маврово и Ростуше, каде член на ИО ги евидентирал гласачите кои гласаат во посебен список, а потоа го предавал на неовластено лице.

На гласачко место во општина Центар Жупа, влегло неовластено лице кое се претставило како партиски набљудувач, но не поседувало акредитација, по што избирачкиот одбор го отстранил од гласачкото место. Лицето останало присутно пред вратата на гласачкото место и ги евидентира гласачите.

„Во ОУ ‘Јане Сандански’ во општина Центар во ходникот било присутно неовластено лице кое на гласачите од ромска националност им укажувало за кого да гласаат. После извесно време лицето бил отстрането од страна на избирачкиот одбор. Пред гласачко место во општина Кичево, присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот. Пред други два објекти во општина Кичево во кои се сместени 6 гласачки места присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот“, рекоа од МОСТ.

Според МОСТ, пред ОУ „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба во кое се сместени 11 гласачки места присутни се неовластени лица кои агитираат, во Чучер-Сандево неовластено лице агитира пред гласачкото место, а во Кочани 12 гласачи јавно гласале со покажување на своите гласачки ливчиња.

Случаи на фотографирање на гласачките ливчиња се забележани во Ѓорче Петров каде не реагирал избирачкиот одбор и во општина Ресен, каде што имало реакција од избирачкиот одбор и бил направен записник. Фотографирање на гласачкото ливче е забележано и во општина Конче, по што избирачкиот одбор го предупредил гласачот дека тоа е незаконски.

„Во општина Чешиново-Облешево, активист на одредена политичка партија кој не бил овластен да присуствува на гласачкото место не дозволил член на семјество да му помогне на гласачот и тоа го направил тој. Членовите на избирачкиот одбор реагирале и побарале од претседателот случајот да влезе во записник, по што активистот му се заканил на претседателот дека ако го стори тоа ќе добие отказ од работа“, рекоа од МОСТ.

Во општина Старо Нагоричане, иако слепо лице дошло да гласа заедно со член од семејството кој требало да му помогне, избирачкиот избор не дозволил и на лицето му помогнал член на избирачкиот одбор предложен од политичка партија. Во Куманово, пак, откако член на семејството му помогнал на слепо лице да гласа без да побара дозвола од избирачкиот одбор, член на избирачкиот одбор го поништил гласачкото ливче.

Според МОСТ, во истата општина во три случаи претседателот на избирачкиот одбор не дозволил придружбата да им помага на гласачите кои не можат да гласаат сами и тоа го направил самиот тој.