На училиште одлични, на испит преслаби: Што не функционира со државната матура?

Дебатата за оценувањето и точноста на државната матура во Северна Македонија е сè уште отворена. Еден од случаите што го истакнува ова е искуството на матурантот Алдин Зендели од Тетово. Иако го владее многу добро англиски јазик и се подготвува да студира во САД, на испитот по англиски јазик добил оценка 2. Тој не е единствен, училишните раководства признаваат дека имаат и други слични случаи, а наставниците и образовните организации го критикуваат недостатокот на транспарентност, застарените методи на тестирање и системот што, според нив, произведува неправда. Институциите велат дека постои можност за жалба, но многу ученици немаат доверба во овој процес и институциите, пишува Порталб.мк.

Алдин Зендели, матурант од средното училиште „7 Март“ во Тетово, го сподели со Порталб своето разочарувачко искуство по завршувањето на државниот испит по англиски јазик. Иако го владее многу добро англискиот јазик и им помагал на своите врсници да се подготват за испитот, кои добиле повисоки оценки, самиот Алдин добил оценка 2. Тој дури вели дека се подготвува да аплицира на факултети во Соединетите Американски Држави.

„Оваа оценка воопшто не се совпаѓа со моите реални знаења. Се подготвувам да полагам TOEFL и имам проекти по англиски јазик кои се јасен показател за моето знаење“, вели Алдин Зендели.

Тој изрази загриженост дека ова не е само индивидуална грешка, туку пример за неправда и недостаток на транспарентност што влијае на многу ученици.

„Не го пријавив случајот во училиштето, ниту поднесов жалба, мислам дека дури и да поднесам жалба, таа нема да биде земена предвид“, рече Зендели.

„Одлични во училиште, но на испит добиваат 0 поени“

Директорот на средното училиште „7 Март“, Исмаил Влаши, потврди дека имало најмалку два случаи каде што одлични ученици биле оценети со 0 поени.

„Имаме две жалби поднесени до Државниот испитен центар од ученици кои биле оценети со 0 поени, станува збор за одлични ученици. Има случаи кога одличен ученик кој добро го познава англискиот јазик бил оценет и добил оценка 2“, рече Влаши.

Од друга страна, директорот на средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, Јетон Камбери, признава дека може да има случаи кога учениците имаат поголеми очекувања, но имаат право да се жалат.

„Оценките оваа година во нашето училиште се повисоки од кога било. Сепак, незадоволниот ученик има рок да се жали до ДИЦ. Тројца од нашите ученици поднеле жалба“, рече Јетон Камбери.

„ChatGPT направи чуда“ и учениците добиваат добри оценки, но дали се реални?

Наставничка по англиски јазик од средно училиште во Тетово, која сака да остане анонимна, изрази загриженост дека оценките во училиште се добри, но оценувањето не е секогаш реално.

„Проблемот што треба да се реши е колку е реален и колку контрола врз има овој вид тестирање. ChatGPT направи чуда“, нагласи таа.

И професорот Насер Мифтари во OpenMic на Порталб.мк изрази скептицизам во врска со начинот на кој се спроведува матурата во земјата.

„Мислам дека го имам кажано ова и порано, начинот на кој ја спроведуваме матурата ми се чини претеран“, рече Насер Мифтари.

Систем кој „потсетува на комунизмот“

Форумот за промени во образованието, организација посветена на реформите во образованието, остро го критикува начинот на кој е организиран матурскиот испит.

„Самата форма на организирање на овој испит е несоодветна и потсетува на комунизмот, потоа има цела ниѕа на проблеми, ако комисијата треба да провери стотици и илјадници печатени тестови, намерно или ненамерно, ќе се појават проблеми од ваква природа“, велат од Форумот за промени во образованието.

Тие предлагаат премин кон дигитален систем, каде што учениците можат да се тестираат онлајн и да ги добијат резултатите веднаш.

„Дотогаш, ги повикуваме учениците кои се сомневаат дека нивниот испит не е правилно проверен да се пожалат и до последната инстанца“, апелираат од ФПО.

Жалбата е единствен начин, но не секогаш функционален Од Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар (ДИЦ) добивме речиси идентични одговори: студентите имаат право на жалба и дека процесот е транспарентен.

„Секој ученик кој не е задоволен од резултатот може да поднесе жалба до училишната матурска комисија, која истата ја доставува до ДИЦ. Сите жалби ги разгледува тричлена комисија и доколку комисијата ги смета за основани, жалбата ќе биде прифатена. Оние чии приговори не се прифатени можат да се обратат до ДИЦ и да го разгледаат тестот за да видат каде погрешиле. Учениците се известуваат навремено и се свесни за оваа можност“, соопштија од Министерството за образование.

Според министерството, оваа година бројот на ученици кои се обиделе да препишуваат бил помал во споредба со другите години.

„Секој кандидат кој смета дека е направена грешка во оценувањето на испитните задачи може да поднесе приговор за оценката од испитот. Жалбата ја разгледува надлежната комисија за жалби. Доколку комисијата, врз основа на прегледот на испитниот материјал, заклучи дека приговорот на кандидатот е основан, таа утврдува конечен број на поени, односно приговорот ќе биде усвоен. Сите кандидати кои имаат приговор можат да се обратат до ДИЦ и да закажат увид во тестот за да ги видат своите точни и неточни одговори“, соопштија од Државниот испитен центар.

Од Државниот испитен центар не соопштија колку жалби добиле оваа година. Но, во пракса, многу ученици немаат храброст да го следат овој пат до крај и им недостасува самодоверба. За многу од нив, како Алдин, една неправедна оценка може директно да влијае на апликациите за стипендии, факултети или нивната академска иднина. Инаку, оваа година, државна матура полагаа над 15.000 ученици. Учениците кои не го положија успешно испитот во јунскиот испитен рок, ќе можат да полагаат во августовскиот.