„На Точак“ реагира за уништување на велосипедска патека на булеварот „Партизански одреди“

Неформалната група на велосипедисти „На Точак“ реагира за уништување на велосипедска патека на булеварот „Партизански одреди“. Уништувањето, како што посочуваат, се должи на работата на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ кои преку нивната Фејсбук страница на 21 јули објавиле дека започнуваат со „реконструкција на зеленилото во жардиниерата од левата и десната страна на бул. ‘Партизански одреди’, на потегот од мостот Обединети нации се до ул. ‘Рузвелтова’“.

Со фотографиите кои ги имаат објавено од групата посочуваат дека дупките на некои места од велосипедската патека се длабоки и по 2 до 3 центиметри. Во нив, како што велат, лесно може да заглави тесно тркало. Меѓудругото, додаваат и дека големи количини земја се оставени врз патеката, но и дека не е изведено безбедно заобиколување на булеварот кој има 3 ленти со 3.5 метри широчина.

Од групата реагираат и за локацијата веднаш по автобуската спроти Педагошкиот факултет, пред булеварот „8ми Септември“, каде велат дека е целосно ископана велосипедската патека за изведба на цевковод.

„Освен што и на оваа автобуска постојка е потребно да се изведе заобиколување со велосипедска патека, во моментов поради работата цевководот велосипедистите се приморани да се симнат на коловоз (без безбедно заобиколување) или да возат меѓу пешаците, притоа загрозувајќи ја нивната безбедност“, велат од групата.

Posted by НаТочак – NaTochak on Friday, 31 July 2020

Преку визуелизација, „На Точак“ тврдат дека во изминатите 9 дена се ископани дупки на околу 550 метри од планирани вкупно 5.5 километри, од Рузвелтова до мостот Обединети Нации, во двете насоки.

„Освен што патеката дополнително ќе се уништува ако се продолжи да се работи на овој начин, самото нејзино користење ќе биде многу отежнато.
Ова е сериозен проблем во време кога многу луѓе се решија да ги користат своите велосипеди како средство за рекреација и транспорт во период кога заради КОВИД-19 не се препорачува движење со јавен превоз, а условите за спортување се драстично намалени. Згора на тоа, оваа велосипедска патека е една од главните сообраќајни артерии, а освен патеката на Илинденска, нема друг начин велосипедстите безбедно да се движат од западниот дел на градот до неговиот центар и обратно“, реагираат тие.

На потегот на кој се работи, велат дека има 12 автобуски постојки, односно по шест во насока на кои не е изведено заобиколување, односно, додааваат, како што е направено на три од четирите постојки во делот на булеварот кој минува низ Општина Центар.

„Ако се врши ‘реконструкција на зеленилото’ и очигледно раскопува велосипедската патека, сега би било право време да се изведат овие заобиколувања“, посочуваат „На Точак“.

„На Точак“ поднеле пријава до Секторот за уредување и просторно планирање на Град Скопје на 22 јули, следниот ден, и побарале итен прекин на работата со тешка машинерија, но и санација на настанатите дупки, за која велат дека ако не се копа целосно од почеток до крај на потегот на кој се работи, таа никогаш нема да може да се врати во прботитната состојба. На пријавата, како што додаваат од групата, одговор се уште не добиле.