По неколкуте случаи на прегазени луѓе и деца во сообраќајот кои се случија изминатиов период, од Иницијативата На Точак се револтирани што институциите не работат на зголемување на безбедноста во сообраќајот.
„Како живеете со вакви вести и продолжувате да го фалите асфалтирањето улици како добро само по себе? Со промена само на асфалтот, а не и решенијата на улиците, само се одржува статус-квото, а тоа е наследени небезбедни улици, дизајнирани за големи брзини. Она што мора да го направат Град Скопје и општините е секоја реконструкција да ја искористат за подобрување на безбедноста преку дизајнот, тоа е првото и најважно нешто кое мора да го преземеме со цел да ја зголемиме безбедноста на улиците“, напишаа од Иницијативата.
Тие велат дека една од мерките се подигнати пешачки премини околу секое школо, и/или подигнати крстосници на сите пристапи, а не само од една страна.
„Луѓето секогаш и секаде во светот ќе прават грешки во сообраќајот, но задача на институциите е преку дизајнот тие грешки да ги сведат на минимум. Важно е дејствувањето и на полицијата (поефикасно, помасовно и во континуитет да се казнува за најлошите прекршоци како брзото возење), важни се и пресудите против поединците кои ќе нанесат штета или одземат животи да не бидат смешни, туку како за сериозни деликти. Сите овие работи праќаат порака кон еден учесник во сообраќајот. Но за овие пораки да ги прими човек, потребно е да е свесен и трезен во моментот. За разлика од тие пораки, мерките за успорување преку инфраструктурата не влијаат само на свесни луѓе и само дел од времето, влијаат на сите луѓе и цело време. Со години апелираме ова да се разбере, но очигледно сè уште брзината е поважна од животите“, додаваат од На Точак.