Чија е надлежноста во врска со лошо паркираните возила во Скопје? Ова е прашањето на кое од иницијативата На Точак ќе се обидат да одговорат во претстојниот период, но наместо да ја извозат новата Критична маса, тие ќе собираат извадоци од Закони и правилници. За тоа, тие ги повикуваат самите граѓани да им помогнат. Нивната цел како што велат, е да побараат реализација на правото на слободно движење.
„Секојдневно сите се соочуваме со блокирани пешачки и велосипедски патеки, пристапи кон објекти, па и пристап кон легално обележани паркинг места од нелегално паркирани возила. Да се пешачи, да се вози точак, да се биде во инвалидска количка, да се турка детска количка…. во Скопје е ускратено како право! Доведувани сме постојано во небезбедни и некомотни ситуации кои прават да се чувствуваме долно, недостоинствено… Зашто општеството кога не сме во кола нè турнало на маргините… Правото на слободно движење на сите граѓани им е зарагарантирано со закони, дури и уставно, но за ова право очигледно од институциите нема доволно грижа“, велат од На Точак.
Потсетуваат дека за ова прашање посветиле многу многу критични маси, акции, испраќале писма до МВР, до локалните власти, а секојдневно се постираат и слики на Ѕид на сообраќајниот срам.
„Веруваме дека допрел гласот до институциите, но сепак ќе се обидеме уште еднаш, зашто очигледно не било доволно“, велат од На Точак.