На Точак денеска во Битола во склоп на Европската недела на мобилност

Дали може оваа недела да оставиме барем на момент кола и да одиме пешки или на точак? – стои во најавата за новата, 59-та Критична маса во Битола.

Овој настан ќе биде со полициско обезбедување,  што значи родители слободно ќе може да ги понесат и децата на оваа вело дружба. Ќе се тргнува од Плоштадот Магнолија во 17 часот. 

Се случува во склоп на Европска недела на мобилност.

-Оваа година се организира на тема „Пешачи со нас – Сигурно пешачење и возење велосипед”. На тој начин се упатува силна порака дека со мудро одбирање на начинот на секојдневен транспорт, го заштедуваме домашниот буџет, го подобруваме нашето здравје, воедно ја заштитуваме животната средина и го намалуваме загадувањето од транспортот, велат од битолското На Точак.

Минатата година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 2792 града низ цела Европа и светот, а оваа година веќе на стартот на неделата се пријавени 2823 учесници.

До денес, за учество во одбележување на Европската недела на мобилност 2019 покрај Скопје, се вклучија и Велес, Гевгелија, Тетово, Битола, Штип, Неготино, Кочани, Струмица, Охрид, Прилеп, Крива Паланка, Лозово и скопските општини Шуто Оризари и Карпош, а останатите градови се уште имаат можат да се пријават.

Во текот на неделата градовите пријавија различни активности од промоција на нови паметни и иновативни сообраќајни решенија, нови технологии или мерки за планирање на урбаниот транспорт со што ќе се намали употребата на автомобили и индиректно ќе се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот или со едноставно одбележување на Денот без автомобили со затварање на главните улици за сообраќај и организирање на велосипедско дефиле.