На секои 15 минути во Индија се пријавува силување

Во 2018 година, на секои 15 минути во Индија, се пријавувало случај на силување. Ваквата статистика покажува дека земјата има репутација на најлошо место за жени во светот, објави Ројтерс.

Како што наведува британската агенција, групното силување и убиството на жена во автобус во Њу Делхи во 2012 година предизвикаа протести на десетици илјади луѓе ширум Индија, поттикнувајќи судски реформи кои го забрзаа процесот на судење на осомничените силувачи и построги казни против нив.

Сепак, насилството продолжува непречено. Речиси 34.000 случаи на силувања пријавиле жените во Индија во 2018 година, според извештајот на Министерството за внатрешни работи на Индија, што претставува слична бројка на пријави со годината претходно.

Во околу 85% од случаите биле покренати обвиненија, додека само 27% од нив биле осудени.

Од организациите за правата на жените велат дека злосторствата против жените честопати се сфаќаат помалку сериозно, а нив ги испитува полицијата која нема сензибилитет потребен за вакви случаи.

„Оваа земја сè уште ја водат мажи, една премиерка (Индира Ганди) не може да ги промени работите. Повеќето судии се мажи. Има мал број на форензички лабoратории во земјата, а за брзи постапки, судовите немаат доволно судии“, вели Лалита Кумарамангалам, поранешна претседателка на Националната комисија за жени.

Големо медиумско внимание привлече случајот на силување во 2017 година од страна на поранешниот пратеник на владејачката партија Кулдеп Синг Сенгар, кога жртвата наредната година се обиде да се самоубие, обвинувајќи ја полицијата за неажурност.

Пет месеци пред да биде изречена пресудата на Сенгар, минатиот декември, семејството на жртвата мораше да биде обезбедувано од телохранители, откако камион удри во автомобилот на жртвата, каде таа била со нејзиното семејство, а во случајот починале двајца членови на семејството.