На Сараевскиот филмски фестивал до 2020 година ќе има подеднакво мажи и жени режисери

Организаторите на Сараевскиот филмски фестивал се приклучија кон Повелбата 50/50 до 2020 година која предвидува еднаква застапеност и можности за мажите и жените во филмската индустрија до 2020 година.

Повелбата првпат беше промовирана на Канскиот фестивал на почетокот на годинава.

„Ние сме одлучни и нашиот фестивал да придонесе за еднакви можности за двата пола за вклученост во филмската индустрија“, изјави Мирсад Пуриватра, директор на фестивалот.

Во завршната конкуренција на фестивалот кој ќе биде затворен утре, четири од 10-те играни филмови и шест од 17-те документарци, се режирани од жени.

Покрај Кан и Сараево, Повелбата досега ја поддржаа и фестивалите во Венеција и Локарно.