На продажба шест детски одморалишта

Владата во декември годинава на електронска јавна аукција ќе понуди на продажба шест детски одморалишта кои се во сопственост на државата. Пет од нив и по продажбата треба да ја задржат дејноста туризам, а едно да биде пренаменето во дом за згрижување стари лица, соопшти денеска владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

На продажба шест детски одморалишта

На продажба се детските одморалишта Ѓуриште во Свети Николе, Шула Мина во Крушево, Суви Лаки кое се наоѓа меѓу Берово и Струмица, Николиќ во Дојран и Малешево во Берово, кои треба да ја задржат дејноста туризам и поранешното детско одморалиште во Пехчево кое новиот сопственик по купувањето во рок од 24 месеци ќе треба да го пренамени во пензионерски дом.

За таа цел минатата недела Владата објавила оглас во кој се наведени информации за објектите кои се на продажба, како и нивната почетна цена од која ќе почне јавното наддавање.

Почетната цена на Ѓуриште во Свети Николе, со површина од 1.060 метри квадратни, е околу 57 илјади евра, на Шула Мина во Крушево, со 1.216 метри квадратни, околу 75 илјади евра, а на Суви Лаки, кое се наоѓа меѓу Берово и Струмица и има 3.445 метри квадратни, околу 170 илјади евра. Детското одморалиште Николиќ во Дојран, кое има 6.082 метри квадратни, ќе се продава со почетна цена од околу 315 илјади евра, а Малешево во Берово, кое има околу 4.000 метри квадратни, со почетна цена од 515 илјади евра.