На наследникот на Мекдоналдс во Русија му снема помфрит

Дел од рестораните на новоотворениот синџир продавници за брза храна „Вкусно и точка“, кој во Русија го замени Мекдоналдс останале без компири па до есен ќе престанат да нудат помфрит.

Недостатокот на права сорта компир значи дека купувачите ќе мораат да одберат друг прилог за своите хамбургери. Компанијата очекува дека пржените компирчиња ќе се вратат на менито до крајот на летото, пренесе Н1.

Мекдоналдс се повлече од Русија како протест поради инвазијата врз Украина. Американскиот гигант во сферата на брзата храна ги продаде своите ресторани, а во јуни неколку негови локали повторно беа отворени под ново име – „Вкусно и точка“.

Сепак, еден месец по отворањето, еден од клучните артикли на менито недостасува – помфритот. Компанијата за руската новинска агенција ТАСС објаснува дека во 2021 година жетвата на сортата компири кои се потребни за производство на помфрит во Русија била лоша.

Компанијата се обидувала да набави компир од руските производители, бидејќи станало невозможно да се увезуваат компири од странските пазари, што би можело привремено да го замени домашното производство.

Руското министерство за земјоделство се обиде да ги намали грижите поради недостаток на компир преку порака на Телеграм:

„Има компир – и точка. Рускиот пазар е целосно покриен со компир, вклучително и преработениот. Освен тоа производите од новата жетва веќе пристигнуваат, што исклучува можност за недостатоци“, изјавиле од министерството.