На младите им требаат повеќе информации за контрацепција

Контрацепцијата, претставува важен дел од севкупното сексуално и репродуктивно здравје на младите. На многу места во светот, па и кај нас, сè уште постојат митови и предрасуди. Во име на овие случувања, подигнување на свеста и создавање на свет каде секоја бременост е посакувана, 26 септември е ден се одбележува како Меѓународен ден на контрацепцијата, велат од Младинската група на ХЕРА чие соопштение за младите и контрацепцијата ви го пренесуваме интегрално.

На младите им требаат повеќе информации за контрацепција

За жал, и нашето општество е меѓу оние каде што има многу предрасуди и дилеми поврзани со оваа тема, со кои пак младите секојдневноно се соочуваат. Поради сето ова младите постојано се запрашуваат- Зошто контрацепција ? Како се употребува? Кои се можните негативните појави? Дали има позитивни страни кога се користи контрацепција? И многу прашања кои почнуваат со „А, што ако…?”

Ние младите, како двигатели на процесите во нашата државата, но уште поважно ние младите како активен дел од сегашноста, мораме да бидеме главна тема на разговор и во фокусот на вниманието на сите донесувачи на одлуки. Нашите права, здравје и образование, заслужуваат да добијат приоритет пред сè, отворено и јасно преминувајќи преку размислувањата кои се оптеретени со стигма и стереотипи. Препреките,не смеат да бидат фактор кој ќе не натера да се откажеме од темите кои не засегаат и кои допринесуваат во креирањето на нашата иднина. Една таква тема од суштинско значење е и сексуалното и репродуктивно здравје и права. Кога станува збор за контрацепцијата и нејзината употреба, статистиката покажува поразителни факти и бројки.

Од една страна модерната контрацепција за младите во нашата земја е прескапа, затоа што таа не е на товар на државата. Од друга страна младите имаат малку информации за модерната контрацепција. нашите Истражувања посочуваат дека оралната контрацепција е една од најмалку обработуваните теми од областа на СРЗ во постојните наставни програми за основно и средно образование. Соодветно процентот на млади девојки кои користат некаков вид на модерна контрацепција е многу низок(11%). Покрај тоа, последните информации од Центарот за јавно здравје во Скопје покажуваат дека иако бројот на абортуси кај генералната женска популација се намалува, додека пак кај младите девојки тој број се зголемува.

Во Македонија младите немаат соодветно сексуално образование, кое што би ги обезбедило сите научно потврдени факти во однос на сексуалното и репродуктивното здравје пред сè фактите врзани за: контрацепцијата, планирање на семејството, безбедното мајчинство, унапредувањето своето здравје. Поради ова младите се изложени на ризици и на одлуки за кои не се спремни. Со занемарувањето на оваа тема и одложувањето на нејзиното решавање, не го решаваме проблемот, туку напротив додатно го продлабочуваме и тонеме во оваа сè уште нерешена ситуација. Покрај тоа, ние, скоро секогаш сме изоставени од дебатата и одлуките за нашите потреби и проблеми. На сето ова, кога зборуваме за контрацепцијата, нејзината висока цена, нејзината недостапност, проблемот станува само потежок и посложен.

Како младинска група на ХЕРА секојдневно се бориме со стигмата и предрасудите и преку неформалното образование се трудиме да отвориме простор за дебата и пласирање на вистинските и потврдени информации. Од друга страна постојано се залагаме за воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата и можеби најтешкиот дел, да ја подигнеме свеста кај секој поединец и отвореното да разговараме за овие теми, без присуство на страв и општествен срам.

Младинската група на ХЕРА, продолжува со упорноста и спроведувањето на едукативни работилници и информативни катчиња каде што на младите ќе им бидат одговорени сите прашања што досега ги мачеле и засегале. Како млади, апелираме за итно воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата, намалување на цените на контрацепцијата и редовни посети и консултации со матичните лекари и гинеколози. На нас останува дали ќе заземеме активно учество или пак ќе оставиме некој друг да го обликува нашето секојдневие и нашата иднина.