Шведската активистка за климатските промени Грета Тунберг одби да прими награда за екологија, објаснувајќи дека на климатското движење не му се потребни награди туку политичарите на власт да почнат да ја слушаат науката.
Тинејџерката, која покрена милиони млади со нејзиното движење „Fridays for Future“, доби годишна награда за екологија, на церемонијата организирана од „Nordic Council“, регионално тело за парламентарна соработка.
Тунберг за оваа награда била предложена и од Шведска и од Норвешка.
Но, откако било објавено, претставникот на Тунберг, пред присутните на церемонијата, изјавил дека таа нема да го прифати признанието, ниту пак паричната награда од околу 52 илјади долари.
„Климатското движење нема потреба од дополнителни награди. Она што ни треба е нашите политичари и луѓето на власт да почнат да ја слушаат моментално најдобро достапната наука“, напиша Тунберг на Инстаграм.
Активистката се заблагодарила на Советот за признанието, но истовремено упати критики до Скандинавските држави затоа што не го одржуваат нивниот „висок углед“ по прашање на климатските состојби.
„Има многу фалење за ова, има многу убави зборови. Но кога се во прашање конкретните емисии и нашиот еколошки отпечаток по глава на жител… тоа е сосема друго прашање“, вели Тунберг.