На Ким Јонг Ун не му е до смеа – забранет сарказмот во Северна Кореја

Северна Кореја забрани луѓето да прават саркастични коментари на сметка на Ким Јонг Ун и неговиот тоталитарен режим во секојдневните разговори.

Забранети се дури и индиректни критики кон авторитарната власт, јавуваат азиските медиуми.

Жителите биле предупредени за казнивоста на такво ‘непријателско однесување’ кон државата во неколку големи собири, одржани од функционери низ државата.

„Главната поента на овие предавања беше – држете ги устите затворени“, рекол извор од провинцијата Јаганг за Радио слободна Азија, кој инсистирал на анонимност.

Високиот претставник на државната безбедност кој го држел собирот на кој присуствувал овој извор, ги предупредувал насобраните да не се вовлекуваат во такви кометари. Посебно се осврнал на често употребуваната изрека ‘Америка е виновна за сè ова’, која со ироничен тон подразбира исмевање на режимот.

Друга изрека, „будала која не го гледа надворешниот свет“, исто така била брзо проширена меѓу владините работници во главниот град Пјонгјанг, кои биле шокирани од отсуството на Ким Јонг Ун на прославите одржани во Русија и Кина за одбележување на завршетокот на Втората светска војна, рекол истиот извор.

Покажување јавно незадоволство од севернокорејскиот режим доста се проширило оваа година во државата која силно го контролира однесувањето на своите граѓани. Забележани се графити на градежни места во Пјонгјанг, кои ги исмеваат пропагандните слогани на партијата, како и цртежи кои го напаѓаат лично Ким Јонг Ун на локации во близина на Кина.