На „Изрази се преку медиумите“ се натпреваруваат 140 средношколски медиумски производи

„Изрази се преку медиумите“ - конкурс за средношколциОколу 140 видеа, фотоприказни и текстови пристигнаа на конкурсот за најдобар средношколски медиумски производ „Изрази се преку медиумите“, кој го организира Високата школа за новинарство и односи со јавноста во соработка со Министерството за образование и наука. Комисија составена од медиумски и професионалци за комуникации во текот на наредната недела треба да одлучи кои средношколци ќе бидат наградени со стипендии за студирање, лаптоп, камера и фотоапарат.

Од пристигнатите производи, 50 се испратени од матуранти кои се натпреваруваат за 10 стипендии за студирање на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, а кои ги доделуваат етаблирани медиуми и компании. Освен стипендиите, матурантите ќе потпишат договор за професионален ангажман една година по дипломирањето со „Алфа ТВ“, „Канал 77“, „Club FM“, „Медиа Принт Македонија“, „Нова Македонија“, „McCann Erickson“ и „APRA Porter Novelli“.

Останатите 85 медиумски производи, кои се испратени од средношколци, се натпреваруваат за наградите лап топ, камера и фотоапарат. Освен средношколци, на конкурсот се пријавија и три училишта, еден младински клуб и две групи средношколци.

Темата на конкурсот беше „Можеш да придонесеш! Активирај се и помогни во заедницата.“. Учесниците требаше да прикажат примери или да дадат идеи како средношколците се вклучени и помагаат на локалната заедница преку активности во и надвор од училиштето.