На германски студент во Кина не му ја продолжиле визата поради филм за човековите права

Германски студент по новинарство на престижниот Универзитет Тсингхуа во Пекинг бил принуден да се врати во родната земја откако кинеската влада одбила да му ја обнови визата откако како дел од своите студии пријавил филм за борците за човекови права.

24-годишниот Давид Мисал, кој студира во Кина преку стипендија, за Еуроњуз изјавил дека визата му била прекината на 3-ти август, со задолжение да ја напушти државата во рок од 10 дена.

„Полицијата ми го врати пасошот и ми соопштија некоја изјава зошто не ми се обновува визата – бидејќи сум бил дел од одредени активности кои не се покриени со мојата студиска виза. Кога прашав какви се тие активности, тие ми одговорија – знаеш самиот“, објаснил Мисал за Еуроњуз во телефонски разговор.

Мисал изјавил дека поднел барање за обнова на визата уште во јуни, процес кој вообичаено трае 10-тина дена. Откако секоја недела се јавувал до надлежните за да праша за статусот на неговата апликација, му било кажано дека доцнењето е поради комуникација помеѓу универзитетот и кинеските власти. Минатата недела дознал дека визата му е прекината.

„Знаев дека постои можност ова да се случи, но не очекував дека навистина ќе дојде до тоа“, рекол Мисал.

Студентот во мај интервјуирал неколку правници кои работат на случаи околу прекршување на човекови права за студиски проект и отпатувал до југоисточниот град Вухан за да го снима правникот Лин Чјилеи како го посетува притворското одделение каде неговиот клиент, активистот Чјин Јонгмин, бил затворен под обвиненија за „субверзија на државна власт“. Минатиот месец Чјин бил осуден на 13 години затвор.

За време на снимањата, Мисал вели дека го чекал Лин пред затворот и тогаш го забележале полициски службеници, го однеле во полициска станица каде морал да помине три часа.

По неговото враќање во Пекинг, Мисал вели дека супервизорот на студиите по новинарство на Тсингхуа Универзитетот на два пати му посочил дека не се согласуваат со темата која ја истражува, иако не му рекле да престане со истражувањето.

Поранешни студенти на студиите по новинарство пак се изненадени од владината одлука да не ја обнови визата на Мисал, бидејќи во минатото на Универзитетот биле прифаќани чувствителни истражувачки теми без негативни последици.

Мисал вели дека е тажен бидејќи нема да може да ги заврши студиите по три години поминати во Кина. Сега планира да се врати во Германија и да запише мастер студии по кинески јазик на Универзитетот во Берлин со надеж дека подоцна ќе успее да направи размена во Тајван.

Тој вели дека ја цени можноста за искуство со новинарството во Кина, во клима на се полоши услови за странски новински известувања, според Клубот на странски дописници од Кина.

„Мислам дека доколку не допирате чувствителни теми, можете да студирате новинарство во Кина. Доколку сакате да одите преку одредени лесни теми, тогаш тоа веројатно не е најдоброто место за тоа“, вели Мисал објаснувајќи дека се решил да студира во Кина за да добие поголемо знаење за политичкиот систем и кинеското општество.

Еуроњуз побарале коментар и од Универзитетот Тсингхуа, но до објава на текстот не добиле никаков одговор.