На Европската Унија ќе и требаат 10 милиони здравствени работници до 2030 година

На Европската Унија до 2030 година ќе и бидат потребни дополнителни 10 милиони здравствени работници и негуватели за стари лица, за да ги исполнат барањата на старото население, се вели во извештајот кој го објави Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Голем дел од потребата за ваква работна сила сега се обезбедува од домашните образовни и системите за обука, но миграцијата и мобилноста на работната сила во рамките на унијата играат се поголема улога. Во 2018 година, речиси два милиони здравствени работници работеле во земја каде што не се родени.

„Европа е континент кој старее и мора да се подготви за се поголема побарувачка на работна сила. Наш заеднички предизвик ќе биде да обезбедиме прифатлива, квалитетна дологорчна нега и соодветна работна сила“, рече потпредседателката на ЕК за демократија и демографија Дубравка Шуица.

Во извештајот се наведуваат неколку предизвици кои, доколку се решат, можат да помогнат во поттикнувањето на мобилноста и ослободувањето на целосниот потенцијал на миграција од трети земји за да се ублажат притисоците од недостатокот на работна сила во тие сектори.