„На диво“ исечени дрвата во спортскиот центар во Тетово

Исечени и откорнати се дрвата кои со години им држеа сенка на тетовци во спортскиот центар. Од Општина Тетово велат дека сечата е направена без дозвола. Инвеститорот, кој ги врши градежните работи, немал согласност од Јавното комунално претпријатие за тоа. Граѓаните се револтирани, а активистите потсетуваат дека со ова е направена уште една непоправлива штета во градот чии жители со години дишат енормно загаден воздух.

Инспекторатот веќе поднел соодветна пријава против субјектот кој го извршил ова дело, информираат од Општината.

Post Eco Guerilla

Фејсбук статус и фотографии на Еко Герила

Тетовци беа затечени од сечата. „Уништени најголемите сенки и последните бели дробови на градот“, е еден од коментарите на социјалните мрежи меѓу бројните реакции – од сомнежи дека дека зад реконструкцијата на спортскиот центар стојат бизнис интереси, до бес што некогашното слободно катче за дружба и рекреација на сите генерации, со кое голем број тетовци се емотивно поврзани, се оштетува до крајност.

Тетовскиот спортски центар и претходно се наоѓаше во ужасна состојба. Обраснат со трева, со демолирани реквизити наменети за младите и со запуштени спортски терени за рекреација. Сечата на дрвата е извршена во процесот на реконструкција на оваа површина.

Аријанит Џафери, од еколошката граѓанска организација Еко Герила, вели дека проблемот е во нетранспарентноста на целиот процес.

„Сечењето на дрвата на спортскиот центар е многу грд акт, особено во момент кога доаѓа есента и зимата и кога загадувањето во Тетово е многу повисоко. Ова е само мал дел од сечењето на шумите во тетовско кое нема контрола и во кое не се знае кој, што и каде сече“, вели тој.

Од Општината информираат дека намената на земјиштето е спорт и рекреација, а од нивна страна било издадено само одобрение за поставување на урбана опрема. Појаснуваат дека спортскиот центар е даден под концесија уште во 2003 година на 30 годишен период на компанијата Билд Интернационал, со можност просторот да биде отстапен на трето правно лице за инвестирање и ревитализација.

„Сите други права и обрски кои произлегуваат околу користењето на овој простор се регулирани врз основа на договор за подзакуп  на недвижен имот од 01.02.2016 година склучен помеѓу „Билд Интернационал“, како концесионер  и „Сат Бус Треавел“, како подзакупувач  и инвеститор, кој површината ја има земено на користење на определено време. Според доставениот проект, се работи за спортско рекреативен центар на отворено, кој ќе биде менаџиран од страна на приватен инвеститор под претходно потпишан договор за користење со концесионерот“, стои во одговорот кој го испратија од Општината за Радио МОФ.

Нови ветувања за старите проблеми

Дрвата на спортскиот центар се само последен од низата еколошки проблеми кои го мачат Тетово. „Дивата депонија“, каде се истовара отпадот од градот повторно се натрупа поради проблемите со транспортот до депонијата во Русино. Граѓани кои живеат во близина раскажуваа дека викендов од таму доаѓала ужасна смрдеа. Од Југохром, кој години наназад се смета како еден од најголемите загадувачи во тетовскиот регион, деновиве повторно најавија дека го почнале процесот на поставување филтри.

Џафери вели дека не верува во ветувањата на институциите кои многу пати досега биле исти, но не се реализирале.

„Од страна на Општината е кажано дека е постигнат договор за користење на „Русино“ и дека за една недела „дивата депонија“ во Тетово нема да постои, а местото ќе биде целосно расчистено. Такви ветувања сме имале многу до сега, па затоа ни е тешко да поверуваме во тоа – сепак сакаме да бидеме оптимисти. Не веруваме ни најмалку на ветувањата дека загадувањето од Југохром ќе биде минато, дека фабриката ќе ги инсталира филтрите и дека дефинитивно ќе работат според Уставот и законите на Република Македонија. Веруваме дека и овој пат се работи за купување време, пред крајниот рок од 31 октомври. Знаејќи дека истата политичка гарнитура им има гледано низ прсти секогаш кога требало да се одлучи околу казнувањето, очекуваме дека ќе се обидат да им дадат нови рокови на корпоративните профитери и уште многу денови со 30 тони прашина дневно за сите тетовци“, вели тој.

Tetovo PM10

Од локалната самоуправа велат дека паралелно работат на краткорочно и долгорочно решение на проблемот со „дивата депонија“. Во следните три месеци најавуваат изградба на центар за товар и истовар на влезот на градот каде на затворено место, без претходна селекција, ќе се истовара отпадот пред негово носење во регионалните депонии. Како долгорочен проект планираат модерен затворен капацитет, надвор од градското подрачје во кој ќе се селектира отпадниот материјал според сите стандарди.

Загаденоста на воздухот во Тетово и претходнава недела редовно ги пробиваше максималните граници. Синоќа во 23 часот биле измерени 315 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, штетни по здравјето на луѓето. Според мобилната апликација „МојВоздух“, воздухот во Тетово е загаден 20 дена по ред. Во вакви ситуации, според европските регулативи, се препорачува на сите лица да не излегуваат надвор без посебна причина.

Даниел Евросимоски