На 191 од понеделник може да се пријави зголемување на цени во супермаркетите и работа на угостителски објекти

Со цел да се излезе во пресрет на инспекторите, а во интерес на заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните, отворена е бесплатната телефонска линија 191 на која граѓаните кои ќе утврдат дека има прекршување на владините одлуки, односно дека има кафулиња или ресторани кои работат, или пак има зголемување на цените во супермаркетите во последните две недели ќе можат веднаш да пријават, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Бектеши потенцираше дека на оваа линија граѓаните ќе можат да пријавуваат од понеделник, а посочи дека веднаш ќе бидат вратени цените на основните производи што биле на 11 март.

„Сакам да алармирам до сите граѓани, угостители и трговци кои нема да ги почитуваат препораките на владата дека ќе бидат казнети со казна од 5.000 евра, и согласно член 205/206 од кривичниот законик, казна затвор и до една година. Ги повикувам сите граѓани и бизнисмени во моментов да бидат разумни, во време на криза да бидеме солидарни, одговорни, а не да размислуваме на профит. Ги повикувам граѓаните да пријават секаков вид на непочитување на владините одлуки“, рече Бектеши.

Владата пред три дена донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Пред речиси една недела пак, владата целосно ја забрани работата на кафетериите, баровите, клубовите, казината и спортските обложувалници.