На Борис Џонсон му е забрането да оди на работа со велосипед

Шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон, од Скотланд јард доби забрана да оди на работа со велосипед. Ваквата одлука, според британските медиуми, е поради стравот дека може да биде лесна мета на терористи, па отсега тој ќе мора да користи службено возило.

Министерот за надворешни работи на Британија, кој неодамна се пресели од областа Излингтон во источниотдел на Лондон, во куќа во близина на Бакингемската палата, е познат приврзаник на велосипедизмот и на теориите дека велосипедите можат да го спасат Лондон од сообраќаен метеж.

Сепак, од полицијата му е соопштено дека ваквиот начин на движење е особено опасен, имајќи ја предвид функцијата што ја извршува, наведува Дејли Мејл.

Додека бил градоначалник на Лондон, Џонсон редовно на работа одеше со велосипед, а често го користеше и за да замине на деловни состаноци.

На негова иницијатива во градот почнаа да се обележуваат посебни велосипедски патеки на сообраќајниците.