На Бер Грилс му се заканува казна поради сварена жаба при „преживување“ во Бугарија

Познатиот британски авантурист Бер Грилс се соочува со парична казна откако убил и сварил жаба додека снимал една од неговите серии за преживување во дивина во националниот парк Рила во Бугарија.

Епизодата од серијалот била снимана на во 2017 година, а во емитуваното видео може да се види како Грилс, заедно со професионалниот танчер Дерек Хог, варат жаба.

Од бугарското министерство за екологија вчера соопштиле дека Грилс, со убивање на жабата, пливање во езерото и палење оган, ги прекршил правилата на националниот парк Рила.

„Очигледно е од снимениот материјал дека за време на снимањето постоеле прекршоци на правилата за однесување во заштитени подрачја. Влегување и пливање во водениот базен на Езерото Каракашево, палење оган и ловење и убивање на животно“, изјавил портпаролот на министерството за АФП.

Службениците посочиле дека размислуваат да ги казнат Грилс и Хог со парична казна помеѓу 250 и 2.500 евра, додека продукциската компанија може да добие казна помеѓу 500 и 5.000 евра.

Од Министерството информирале дека филмската екипа била информирана за правилата на националниот парк, истовремено додале и дека ќе биде извршена проверка на службениците од паркот, кои го придружувале Грилс, за тоа дали имаат пропусти во вршење на својата должност.

Грилс во минатото се соочувал со критики од конзерваторите и активистите за права на животните поради неговиот однос кон животните на телевизија.