На 11-годишниот Вид Антиќ, дете со аутизам, не му било дозволено во неделата да влезе во авионот на компанијата Ер Србија, на лет од Белград за Тиват, за да „не ги вознемири останатите патници“, тврди неговиот татко, историчарот Чедомир Антиќ.
Антиќ, за Вечерње Новости, изјавил дека неговиот син не отпатувал на море, иако требал да патува заедно со неговите мајка, баба и сестра, затоа што супервизорот, лекарот и менаџерката на летот процениле дека евентуално неговото долготрајно плачење можело да ги вознемири останатите патници.
Таткото поради тоа решил да поднесе тужба против аеродромот „Никола Тесла“ и српската национална авиокомпанија, поради „загрозување на правната држава и попречување на загарантираните права на сите граѓани на Србија“.
Синот на Антиќ, веќе три пати, без проблем, патувал со авион до многу подалечни дестинации – Тунис, Турција и Египет. Ниедна авиокомпанија досега не му забранила влез во авион, ниту поставувала посебни услови поради неговата состојба, пренесува АлЏазира Балканс.
„Тоа попладне дојдов на аеродромот да ги испратам сопругата, децата и нивната баба на море. Поради големата гужва, високата температура, чекањето, Вид во еден момент многу се расплака. Таквите околности, понекогаш кај аутистичните деца предизвикуваат вознемиреност, но таа е краткотрајна и во подносливи граници. Плачеше седум-осум минути“, рекол Антиќ.
Набрзо потоа стигнала супервизорката и ги прашала дали детето прв пат лета и дали има страв од летање.
„Веднаш им реков дека Вид е аутистичен, дека не е агресивен и дека неколку пати веќе летал без никакви проблеми. Истиот момент одлучи да му забрани да лета и покрај моето убедување дека дека не е неприлагоден за такви ситуации. И предочив дека со тоа ги кршат човековите права на Вид. Побарав јас и мојата сопруга да го однесеме на преглед кај аеродромскиот лекар“, објаснува Антиќ.
Лекарот им рекол дека детето мора да биде „психијатриски подготвено“, појаснувајќи ја реченицата со тврдењето дека детето пред летот требал да добие лекови за смирување.
„Да, многу аутистични деца примаат лекови за смирување, но препорака е тие да не се даваат на деца во развој без поголеми проблеми“, рекол Антиќ, додавајќи дека детето ни во „најтешките години“ никогаш не пиел лекови за смирување.
„Упорно повторував дека Вид не е ни агресивен ни опасен, дека летот трае само 40 минути и прашав дали ги отстрануваат од летот и другите деца кои плачат. Лекарот, сепак, остана на своето, а во извештајот, помеѓу другото, наведува дека пациентот е тргнат од летот од страна на супервизорот, како и реченица која посебно ме налути: „Ми рекоа дека детето има аутизам“. Лекарот со ова практично потврдува дека детето не го ни прегледал“, наведува таткото.
Од компанијата Ер Србија жалат поради непријатностите низ кои поминало семејството од Белград, но наведуваат дека одлуката на младиот патник да не му се дозволи влз во авионот била донесена откако станал многу вознемирен и почнал да се однесува агресивно додека чекал во ред за пријавување на летот.
„Некои од патниците, кои исто така чекале во ред, изразија загриженост на нашите службеници, на кои безбедноста на сите на летото им се приоритет. По процедурата, секој вознемирен гостин мора да го прегледа лекар на аеродромот за да утврди дали е во состојба да патува. По лекарската проценка, го известивме семејството дека нивниот член, за жал, нема да може да патува и им ги објаснивме процедурите за промена на датумот на летот. Како авиокомпанија се однесуваме еднакво и непристрасно кон сите наши гости“, наведуваат од авиокомпанијата.