На англиски јазик „внимавај“ – на македонски „забрането е“

„Забранет влез за невработени“, „Задолжително пријавување“, „Забранет пристап на неовластени лица“, „Забрането за повеќе од 5 лица“ се само неколку од купот знаци покрај кои секојдневно поминуваме.

На англиски јазик „внимавај“ - на македонски „забрането е“

Додека знаците напишани на македонски јазик се напишани во изречна форма преку која се забранува нешто, знаците напишани на англиски јазик се напишани во поблага форма, односно во посоветодавна. Знаците напишани на англиски јазик пристапуваат со „Внимание“ или „Ве молиме“.

На англиски јазик „внимавај“ - на македонски „забрането е“

Според, професорката по македонски јазик и литература при Високата школа за новинарство и за односи со јавноста“, Татјана Б. Ефтимоска, некои упатства кои на англиски јазик се дадени во советодавна или во форма на препорака, кај нас се преведуваат во наредбодавна, изречна форма – не поради слободата што си ја зел преведувачот, туку „можеби повеќе поради нашата културолошка наклонетост да не почитуваме совети, а многу често да ги прекршуваме и правилата“.

Според неа при буквалното, механичко преведување се создаваат конструкции кои не само што се неприродни туку често носат и неточни информации.

На англиски јазик „внимавај“ - на македонски „забрането е“

„Преводите од англиски на македонски јазик ги има во сите „жанрови“: од текстови на декларации и упатства за лекови или користење машини, натписи на сообраќајни патокази и билборди, до комплицирани книжевни преводи и синхронизација. Проблемот е истиот: многу често се јавува нестручност, недоволно познавање на духот на едниот и/или на другиот јазик, површност и „фушерски“ пристап, што доведува до неразбирливи и смешни примери“, изјави Ефтимоска.

Сепак, според Лина Данова, преведувач и професор по англиски јазик на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, упатувачот на знакот за предупредување, несакајќи да ризикува со значењето на советодавната функција на предупредувањето, игра на сигурно и го „забранува“ сето она што се смета за непрепорачливо.

Во однос пак на генералната слика во Македонија со преведувањето од англиски на македонски јазик, таа смета дека на превод знаат да се нафаќаат лица коишто не знаат колку е преведувачката работа макотрпна по својот труд и сериозна по резултатот што ќе го остави зад себе, а чиешто влијание не запира во моментот на издавањето/комплетирање на делото, туку тогаш допрва почнува.

„Факт е дека во последниве години сме сведоци на „штанцање карактери“ наместо создавање на „преведувачки креации“ но како и би било поинаку кога голем дел од преведувачката работа се врши преку тендери на кои наместо да има јавно наддавање, има јавно „поддавање“ на цената на услугата“, рече Данова.

И двете професорки сметаат дека, преведувањето е занает кој бара познавање на богатството решенија што ги нуди јазикот и добро познавање на проблематиката во чијашто област е потребен преводот.

Емилија Петреска