На „Акто“ гостува претставата „Филозофијата на паланката“ на Паковиќ

Фестивалот за современи уметности „Акто“ годинава се одржува во четири градови низ Македонија – Битола, Скопје, Тетово и Штип, а е насловен „Поп ап Акто“.

Програмата на Акто  во Скопје продолжува од утре до 28 септември, кога фестивалот во Скопје се затвора со претставата „Филозофија на паланката“ во режија на Златко Паковиќ.

„Изминативе три дена почнувајќи од петокот имавме можност да проследиме програма во Мобилната галерија, во саботата имавме целодневна програма со дебати и други настани, а вчера го посетивме кампот Винојуг и бегалците од Сирија и Авганистан кои се таму“, рече Ивана Васева, програмски директори куратор.

„Утре вечер ја имаме изложбата ‘Колективна одлука’ која практично се надоврзува на она што го раотевме во Битола каде што поканивме колективи да работат на одредени теми. Во Скопје имаме три нови колективи, едниот е „Бед компани“ од Загреб, другиот колектив Владан Јеремиќ и Рена Радле од Белград, потоа Нада Прља и Даниел Серафимовски од Скопје и „Културлифт“ од Загреб. Сите овие колективи ја преисипитуваат улогата на уметноста во одреден социјален контекст, работат и ги вклучуваат заедниците“, нагласи Филип Јовановски, директор и куратор на фестивалот

Интересно е што оваа изложба  ќе биде отворена во Железничката зграда, што е придонес на Акто фестивалот во регионалниот проект „Кога зградите би можеле да зборуваат“, каде преку серија активности, Акто се обидува да ја заживее заедницата на станарите во оваа историска скопска зграда.

За утре е закажана и дводневната регионална конференција на тема „Вадење од контекст: самоуправа и одржливост“.

„Според мене клучно е што скопскиот дел од фестивалот го затвораме со претставата ‘Филозофија на паланката’, во режија на Златко Паковиќ, која, според мене, е многу актуелна и симболична  во контекст на темите на фестивалот. За прв пат се игра во Македонија и го заокружува контекстот на фестивалот во Скопје и е одговор на различните паланечки форми на креирање култура во нашиот контекст“, рече Јовановски.

Претставата „Филозофија на паланката“ според филозофското дело на Радомир Константиновиќ,  се занимава со искуството на српската паланка или паланката во Србија, но кое е универзално по своите тези.

Акто фестивал прес-конференција 2

„Ние денеска и неолиберализмот можеме да го гледаме како израз на духот на паланката на глобало ниво и јас за тоа говорам во овој ораториум, за кој го напишав либретото. Едно од откритијата на ова дело е дека тоа е критика на омразата кон животот, а е и будење и наговор на протест, на борба и откривање на едно поле на ентузијазам во егзистенцијата на секој човек, значи еден вид покана за радост. Го анализирам српскиот национализам, со примерот на Добрица Ќосиќ, кого го сметаат татко на нацијата. Ќе видите дека национализмот е всушност омраза кон сопствениот народ и претставува убивање на сопствената нација. Оваа претстава ја погоди целта – во духот на паланката. Говорејќи за српскиот национализам, говорам за национализмот насекаде, па и за македонскиот национализам“, рече режисерот Златко Паковиќ.

Претставата премиерно беше прикажана во Белград, во јануари, и ја следеле голем број проблеми, заради темите што ги обработува, а била прикажана и во Центарот за деконтаминација во Белград и во Нови Сад. Меѓу другите врвни изведувачи, во претставата настапува и светски познатата оперска пејачка Катарина Јовановиќ.

„Да се игра оваа претстава значи да се мапираат местата на слобода, за жал таа не успеа да се игра во сите градови во Србија“, рече Паковиќ.

Дополнително, утре во соработка со „Плоштад Слобода“ ќе се одржи Кич тура низ обележјата на Скопје 2014, а во среда (28 септември) е организирана  прошетка низ местата на борба на 12-скопска бригада, со кое се отвора и темата на антифашизмот.

„Се обидуваме да ја преиспитаме улогата на културата и уметноста во овој политички контекст, во кој е неверојатно тешко да се занимавате со култура, токму затоа поканивме гости,  со организирање на микро заедници, со кои се  обидуваме да ги преиспитаме културните парадигми“, рече Јовановски.

Инаку, првиот дел од фестивалот измина во знакот на кампањата Децата на планетата Земја, која се одржуваше во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права, МОФ и Фондацијата Отворено општество – Македонија.

АКТО Фестивалот за современи уметности е организиран од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат и е поддржан од УСАИД.