На 8 јануари предлогот за државен испит повторно пред пратениците

Второто читање на предлог-законот за високо образование со кој се предлага воведување на државен испит ќе се најде на седницата на Комисијата за образование, наука и спорт закажана за 8 јануари во 10:00 часот.

На оваа седница ќе се дискутираат и предлог-законите за основно и средно образование, исто така во второ читање.

Првата седница на Собранието во новата година, според информациите кои засега се достапни на собранискиот сајт е закажана за 13 јануари. Во дневниот ред на седницата засега не се наоѓа и предлог-законот за високо образование.

Вчера професорите и студентите кои се собраа пред Собранието доставија писмо до пратениците со кое ги повикаа да донесат одлука за повлекување на предлогот од собраниска процедура, кој вчера се најде на дневен ред во Собранието.

„Иако уредно побаравме присуство, претседателот на Собранието не нè повика. Очекувавме законодавно-правната комисија неусогласеноста на предлогот со Уставот да го отфрли, но и тоа не се случи. Затоа ги повикуваме пратениците по општата расправа да одлучат да се прекине со натамошно читање постапката со што ќе оневозможат поднесување нов предлог во следните три месеци“, рече професорот Владимир Мартиновски. Професорите најавија граѓанска непослушност, доколку бидат изгласани измените со кои се предвидува воведување на државен испит во високото образование.

И покрај протестите на студентите и професорите, пратениците со 71 глас „за“ и 8 „против“ вчера доцна попладнето ги прифатија измените и дополнувањата на Законот за високо образование, во прво читање, со што дозволија процедурата да продолжи и да бидат дадени на натамошно читање.