Независната поетска трупа „Астални проекции“ ги повикува сите возљубени асталољупци ем асталољупки, на почетокот на четвртата сезона од настанот кој ги сплотува љубителите на пишаниот збор. Местото е „Менада“, почетокот е во 20 часот, датумот е 5 септември, првиот вторник во месецот.
„За лесен почеток на сезоната ги поканивме следниве убави луѓе: Оливера Ќорвезироска, Тихомир Јанчовски, Јосип Коцев, Дарко Лешоски, Ана Пејчинова, Живко Грозданоски, Славица Гаџова-Свидерска, Зоки Спијач, Калиа Димитрова, Божидар Барлакоски и Михајло Свидерски. За музичкиот дел ќе се погрижат нашите и ваши ВИС ‘Тркалезна маса’. Повелете! Бујрумлер!“, стои во најавата за настанот.
Инаку, иницијаторите за Радио МОФ веќе потенцираа дека самото име на „Астални проекции“ е игра од астрални проекции, чувството кога излегуваш од своето тело, и онаа средба на астал кога бил поставен темелот.
Идејата е секој да има простор да чита и да го презентира своето дело. Многу луѓе не можат да застанат пред публика, но „Асталните проекции“ се простор каде сите што пишуваат, а немаат свои изданија и сакаат да го покажат тоа што го напишале, да го направат тоа.
„Астални се начин да излеземе од шемата – оној кој чита стои напред, сите седат назад и го слушаат. Астални се слобода на изразот, затоа што не е само поезија и проза, туку и џемираме, слемираме, пееме, го имаме и вокално-инструменталниот состав ‘Тркалезна маса’. Концептот постојано расте“, рекоа од „Астални проекции“.