На 4 јуни речиси 17 000 ученици ќе полагаат државна матура

Полагањето на државната матура започнува на 4 јуни за 16 859 ученици. Од нив 8729 од гимназиско образование, 7866 од средно стручно образование и 264 од средно уметничко образование, соопшти Државниот  испитен центар.

Учениците екстерно ќе полагаат 3 предмети, а за сите е задолжителен предметот мајчин јазик кој ќе се полага на 4 јуни во сите средни училишта. Македонски јазик и литература ќе полагаат 10 730 кандидати, албански јазик и литература 5 424, а 428 турски јазик и литература.

На 9 јуни ќе полагаат 2335 кандидати математика. На 13 јуни во сите средни училишта ќе се полага странски јазик. Како и секоја година и оваа најмногу матуранти имаа избрано да полагаат англиски јазик или 15 353. Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите предмети е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 114 кандидати, германски јазик 197, а руски јазик 32 кандидати.

На 15 јуни ќе се полага: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Бизнис ќе полагаат 4426 кандидати, историја 2775, биологија 3191, филозофија 4230, хемија 344, физика 91 и естетика 188.

Сите испити почнуваат во 10 часот, а во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и 2314 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи.