МЗМП ја објави анализата на реформите во правното образование

Државните правни факултети и понатаму остануваат поатрактивни за студирање од приватните, стекнувањето практични вештини речиси не е застапено во наставните програми на правните факултети, мобилноста на студентите останува голем проблем, а забележки има и за методите за оценување на знаењето на идните правници. Ова се само дел од наодите од анализата „Правното образование во Р.М од 2003 до 2013 година – Анализа на реформите кои (не) го унапредија правното образование“која денеска во ГЕМ беше презентирана од  Македонското здружение на млади прваници (МЗМП).

Млади правници

Проектот анализира два клучни моменти кои го променија начинот на студирање право во земјава и тоа воведувањето на Болоњскиот процес и Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) на наставните програми на правните факултети од една, како и основањето на повеќе нови приватни и државни правни факултети од друга страна.

„Ако ги земеме за споредба 2013-2003 година може да се констатира дека во учебната година 2013 се запишаа за 75% повеќе студенти, од бројот на студенти кој се запиша во 2003/04 година, што претставува значително зголемување на бројот на студенти запишани во прва година“ забележа Гоце Коцевски, проектен координатор на МЗМП кој објасни дека анализата дополнително ги идентификува и перцепциите и ставовите на оние на кои им е наметнато правното образование, студентите по право и дипломираните правници со цел да се идентификуваат проблемите со кои тие евентуално се соочуваат.

Мартина Мартиноска од МЗМП пак го објасни процесот на имплементирање на реформите во високото образование во текот на изминатата деценија, посебно осврнувајќи се на промените настаните од Болоњскиот систем и воведувањето на ЕКТС.

Анализата беше изработена во период од јануари до јуни 2014 година, а во рамки на проектотРеформите во правното образование во Р.М. – Предизвици и перспективи за студентите по право и младите правни професионалци“ спроведен од Македонското здружение на млади правници.

Моника Кочовска