МЖСПП: Засилени проверки и контрола на отпадот што влегува во државата

Од Министерсството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) велат дека е подигнат степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните во контекст на актуелизирањето на увозот на отпад во Северна Македонија.

„Во таа насока денес, Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и Царинската управа, извршија вонреден инспекциски надзор на 11 камиони  со отпад (RDF) од Италија, чија крајна дестинација е Цементарница УСЈЕ која поседува дозвола за користење на RDF отпад како алтернативно гориво. Камионите се запрени на влез на граничниот премин Богородица. Вкупна количина на отпадот е 261 тон. По случаен избор од два камиона беа земени мостри, а другите камиони се органолетички прегледани. Со цел поголема веродостојност на резултати, земените мостри ќе бидат доставени до две лаборатории и тоа до Хемиската лабораторија на РЖ Техничка Контрола, како и до Истражен центар за животна средина во Република Естонија“, велат од МЖСПП.

ФОТО: МЖСПП

Според нив, резултатите од анализите се очекуваат за околу десет дена, а се до добивањето на резултатите камионите со отпад ќе бидат складирани под соодветен надзор.

„Инаку предметните пратки се декларирани како RDF отпад (Refuse derived fuel -RDF) кој претставува алтернативно гориво (согласно ЕУ стандардите) произведено од отпад кој содржи биоразградливи материјали. Неразградливите материјали се претходно отстранети во целост во сложена постапка на сортирање и рециклирање во инсталации за преработка на отпад, и истото се користи за генерирање на енергија (особено при производство на топла вода, тулани, цементарници и слични капацитети)“, додаваат од МЖСПП.