МЖСПП: Владата усвои предлози и заклучоци за загадувањето

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) се појави со соопштение и информира дека на 94-та седница на Владата на Република Македонија, одржана пред една недела (15 февруари), биле разгледани предлог-мерки на Министерството за намалување на загадувањето на воздухот во алармантни состојби.

Притоа, велат од МЖСПП, Владата усвоила заклучоци. Ви ги пренесуваме во целост:

– Го задолжи Министерството за внатрешни работи, во најбрз можен рок, да направи измени и дополни на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со цел овозможување на спроведување на наредба за органичување на сообраќајот, односно воведување на мерката пар-непар.

-Ги  задолжи сите органи на државната управа, им препорача на агенциите, фондовите, бироата, а им укажа на заводите, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа да ја ограничат (до 50%) употребата на службените возила при надминување на прагот на алармирање, мерка која МЖСПП веќе ја применува;

-Им препорача на советите на општините и претпријатијата за јавен паркинг, да ја разгледаат можноста за зголемување на цената на паркинг услугата при надминување на прагот на алармирање со што би се стимулирало користењето на јавен транспорт како и друг вид алтернативен превоз.

– Им  укажа на ЈП „Македонски Шуми“ во рок од еден месец да изготви и до Владата да достави, анализа за состојбата на дрвната маса  која  се  користи  за  огрев  од  домаќинствата  во  Република Македонија, во однос на процентот на влажност, и  во рок од два месеца да издготви и до Владата да достави план за постепено постигнување на стандардот од 20% влажност на дрвната маса која се користи за огрев од домаќинствата во државата; и

– Го задолжи Комитетот за здравје и животна средина да организира и во рок од 30 дена одржи посебна седница со една точка на дневен ред, предлагање мерки и активности за намалување на загадувањето на воздухот во Република Македонија”.