МЖСПП: Уште 80 тони опасен отпад од ОХИС се испратени на уништување во Франција

Контејнер со контаминирана земја ископана од малата депонија во ОХИС заминаа за Франција информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Ова е во рамки на акцијата за ремедијација на загадената почва со линдан која започна на крајот на минатата година.

„Чистењето на малата (делта) депонија во ОХИС продолжува со ремедијација на Лот 3, со кој ќе се отстранат 525 тони на HCH отпад и 210 тони на земја контаминирана со HCH. Во рамките на досегашните активности спроведени за ремедијација на третиот лот, ископани и спакувани се 210 тони на земја контаминирана со HCH чиј извоз е планиран за следните 2 месеци и ископани и спакувани се 231 тон на HCH отпад, од кој околу 80 тони, во текот на вчерашниот ден се извезени на уништување во Франција“, стои во соопштението на министерството.

Како подготвителна активност, од таму велат дека на 9 јуни 2023 година донеле Решение за одобрување на планот за ремедијација за Лот 3 кој е доставен од изведувачот на чистењето, компанијата Polyeco, по што истата од 12 јуни 2023 година продолжи со работа.

„Во претходниот период, како резултат на активностите поврзани со чистење на првите два лота од малата (делта) HCH депонија во ОХИС, се извезени и уништени 957 тони на HCH отпад и 127 тони на земја контаминирана со HCH“, се вели во соопштението.