До започнувањето на функционирањето на јавното регионално претпријатие „ЗЈП Русино/Полог“ и проектните активности за изградба на Русино во стандардна депонија со сите пропратни заштитни мерки согласно законот, обврската за оперирање со постоечката локација во Русино е сè уште надлежност на општина Гостивар и ЈКП Комуналец од Гостивар, соопштуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Соопштението доаѓа два дена по изјавата на градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари кој за телевизијата „21“ , рече дека веќе две години надлежностите за раководење со неа не се во рацете на локалната самоуправа на Гостивар.
„Ние имаме големи трошоци, и камионите што ги забележавте ги ангажиравме ние, бидејќи се пали ад-хок. Ова нас многу не чини. Јас се надевав дека Владата ќе го преземе менаџирањето, бидејќи тоа го стори со многу други депонии, па мислев дека ќе ја преземе и депонијата Русино“, изјави Таравари за ТВ „21“.
Од МЖСПП пак потенцираат дека Општина Гостивар, преку ЈКП Комуналец има обврска да наплаќа за секој тон депониран отпад кој се одлага на Русино и со тие средства да ја одржува локацијата, со минимални технички услови за заштита на животната средина, спречување на влез на неформални лица, обезбедување од пожари и слично.
Меѓудругото, од ресорното министерство соопштуваат дека Владата досега нема одземено ингеренции на ниедна општина во областа на управувањето со отпадот.
„Надлежноста и обврските за собирање, селектирање, транспорт и депонирање на комуналниот отпад, како и одржување на нестандардните локации за отстранување на отпадот се на единиците на локалната самоуправа, односно општините. Законот за управување со отпадот ја дава единствено можноста Владата на РСМ да ја преземе обврската за воспоставувањето на регионалниот систем, доколку општините не го сторат тоа самостојно. Донесувањето на „Одлука за давање согласност“ од страна на сoветот на општината никако не значи одземање на ингеренциите за управување со отпадот, туку се однесува на одлуката за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпадот, односно регионалната депонија и придружна инфраструктура“, информираат од МЖСПП.
Од Министерството додаваат дека заедно со Владата се ангажирани да помогнат во воспоставувањето на системите во сите плански региони преку изнаоѓање на финансиски средства, чие оперирање понатаму, како што велат, сепак ќе биде обврска на општините, здружени преку Меѓуопштински Одбор за управување со отпад и Јавно регионално претпријатие.
„Што се однесува до полошкиот регион, беа обезбедени средства за подготовка на Регионален план за управување со отпадот и Стратешка оценка на влијанието врз животната средина. Во согласност со планот, МЖСПП блиску соработува со Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (SECO) за инвестирање на 8 милиони евра за изградба на централен објект за управување со отпад –регионална депонија за комунален отпад во Русино, на местото на постоечката нестандардна депонија што ќе ги опслужува граѓаните во сите општини во регионот и изградба на 2 трансфер станици со вкупно инвестициони трошоци од еден милион евра“, информираат од министерството.
Од Општина Гостивар пак ги повикаа граѓаните да им се придружат на јавна дебата за депонијата Русино која е закажана за утре од 19 часот во Гостивар. Оттаму најавија дека на дебатата ќе биде присутен градоначалникот на Општина Гостивар, претставници на Центарот за развој на Полошкиот плански регион, преставници на Министерство за животна средина и просторно планирање и претставници на EAER/SECO.
Стотици револтирани граѓани претходно излегоа на протест поради депонијата, на која велат дека се носи ѓубре од вкупно девет општини во околината.
Јавна дебата за депонијата Русино закажана за утре од 19 часот во Гостивар