МЗД: Иванов да не го потпишува Законот за прекинување на бременоста

МЗД: Иванов да не го потпишува Законот за прекинување на бременостаМрежата за заштита од дискриминација денеска побара од Претседателот на Р. Македонија, Ѓорѓе Иванов да го искористи своето уставно право и да не го потпише указот за прогласување на Законот за прекинување на бременостa.

Граѓанските организации кои се дел од оваа мрежа остро реагираат на текстот на законот, како и на начинот на кој овој закон е подготвен, предложен и усвоен.

„Изминатиот период следеа низа реакциии од домашни и странски организации за ограничување на репродуктивните права на жената, кои ниту придонесоа за негово повлекување, ниту ја забавија брзината на носење на Законот. За жал, Собранието во скратена постапка го усвои предлог-законот. Усвоениот закон за прекинување на бременост воведува рестриктивни механизми кои во голема мера ќе влијаат врз слободното формирање на волја кај жената дали да ја прекине бременоста или не“, се вели во соопштението на мрежата.

Оттаму потенцираат дека само ако жената може слободно да одлучува дали ќе има деца или не, може да постигне еднаквост со мажот.  Абортусот единствено ја засега жената, па секое негово ограничување ја става жената во понеповолна положба од мажот, бидејќи мажот никогаш нема да може да биде во позиција да го прави тој избор, сметаат тие.

„Мрежата е засегната од последиците кои овој Закон ќе ги има врз животот и здравјето на жената. Како мрежа на организиции кои реагираат на сите форми на дискриминација, загрижени сме и поради неможноста да се води дебата во врска со Законот кој е од исклучително значење за правата на жените. Обидите за делегитимирање на организациите, противници на предлог-законот, дефокусирање на прашањето од право на жената во прашање за правата на ЛГБТ лицата, е уште еден доказ дека предлог-законот и кампањата околу носењето на Законот се еден континуитет на дискриминаторски однос, и обесправување на жените во Македонија“, соопштуваат од мрежата за заштита од дискриминација.