„мЗаедница“ – апликација за двонасочна комуникација меѓу граѓаните и општините

Субвенции за велосипеди, еднократна помош за новороденче, стипендии за студенти и други услуги кои нудат општините можат да се аплицираат преку „мЗаедница“, апликација со која жителите можат да пријават и одреден проблем со отпад и ударна дупка во маалото, или да споделат идеја. 

Дигитална платформа е пилотирана во 2019 година. Зад неа стои тимот на Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“, од каде објаснуваат дека самата платформа е составена од мобилна (ИОС / Андроид) и веб-апликација.

Активно се користи во општините Карпош, Валандово и Кочани, а Центарот периодов ја прилагодува и за уште неколку други општини, кои ќе им се приклучат, како од Скопје, така и од други градови.

„Апликацијата може да се прилагоди на потребите на било која општина во земјава. Единствено што треба е општините да изразат интерес и спремност за соработка во процесот на дигитализација. Постапката е едноставна, а многу ни помогнаа позитивните искуства од горенаведените три општини“, посочува тимот на „Блинк 42-21“

Тимот на „Блинк 42-21“

Потенцираат дека станува збор за првата апликација која овозможува двонасочна комуникација меѓу граѓаните и општините.

Сите пријави, граѓаните ги поткрепуваат со фотографии, GPRS локација и тие пристигнуваат до задолженото лице во општинските сектори. Фактички, велат тие, пријавата стигнува на вистинското место без граѓаните да одат физички до општината, да пополнуваат барање, да архивираат и сл.

„Една од позитивните страни е што граѓаните можат да го следат статусот на решавање на нивниот проблем (дали е во процес на решавање или е целосно решен). Исто така, ако повеќе граѓани имаат ист проблем, а веќе истиот е споделен, тие можат само да ја кликнат опцијата ‘поддржи’, со што општината ќе знае дека повеќе жители споделуваат ист тип на проблем“, објаснува организацијата.

Во изминатиов период неколку организации искажаа загриженост за младинското учество во своите заедници. Истражување на „Младите можат“ покажа дека 70.4% од младите во Аеродром, 79.8% од Ѓорче Петров и 72% од Карпош никогаш не биле вклучени во решавање на некаков општински проблем. Исто така, истражување на МОФ потврди дека за половина од младите грижата кон заедницата не е нивна обврска – релативно е мал интересот за граѓански ангажман.

Според ,,Блинк 42-21″, преку „мЗаедница“ се зголемува токму граѓанското учество во решавање на локалните проблеми.

„Но, тоа што посебно нè радува е што граѓаните, преку апликацијата честопати даваат и свои идеи, иницијативи за да се спроведат нови проекти или активности во нивната населба (тоа се акции за раззеленување, садење дрвја, уредување на јавен простор, изведба на спортско или детско игралиште, организирање на културни настани и др.) Во најголем дел, апликацијата е користена од младите луѓе (16 до 29 години), но активни се и други генерации на граѓани. Така да, не би се согласиле дека младите не се вклучени во локалното живеење. Треба само да им се даде простор и преку ваков тип на дигитални алатки да се привлече нивното внимание“, потенцира тимот.

Дополнуваат дека младите, но и сите граѓани веќе не можете да ги привлечете да се вклучат, со тоа што ќе ги повикате да поднесат барање во архива.

„Сите живееме динамично, во брзање и сакаме ефикасно и по дигитален пат да ги завршуваме нашите работи. Сето ова беше препознаено и од Европската унија, и ‘мЗаедница’ и ние како тим, ја добивме и Европската награда за млади за 2019 година, во категоријата ‘Активно граѓанство – дигитално решение со влијание врз општеството’“, посочуваат од „Блинк 42 – 21“.

Визуелно апликацијата прикажува дека целта е да се „прескокнат“ шалтерите. Оттука, Центарот потсетува на сите оние пријатни и помалку пријатни искуства со шалтерите, редиците на луѓе во институции, банки, маркети и слично.

Пандемијава пак, дополнуваат тие, придонесе и да не се чувствуваме безбедно кога сме во колона, гужва и затоа сакаме на побрз и поедноставен начин да ја завршиме работата.

„Голем дел од граѓаните се обесхрабруваат да комуницираат со својата општина, институција, да остварат одредено право кога ќе видат дека треба да влезат во тој административен ‘лавиринт’ (барање, архивски бројчиња, изгубени документи). Граѓаните се приморани и да земаат излезница или ден од одмор од работа, за да завршат приватна обврска. Е, со дигитализацијата на јавните услуги можеме во било кое време да се обратиме до општината, да аплицираме за субвенција за велосипед, да пријавиме дека отпадот сè уште не е подигнат. Притоа, пријавата, апликацијата веднаш пристигнува до одговорното лице во општината за конкретната работа, а граѓанинот го следи и статусот на решавање. Ова е пристапот кој мора да се следи. Сите да имаме еднакви шанси и услови за да оствариме нешто, затоа што граѓаните се даночните обврзници кои ги полнат општинските и институционалните буџети“, посочуваат тие.

Во однос на прашањето за тоа кои се генералните „кочници“ за граѓаните да стигнат до услуги, од Центарот се согласни дека ги има секаде и секогаш. Но, според нив има и позитивни примери. Некако во Македонија, велат тие, имаме пракса повеќе да зборуваме за тоа што не чини, што апсолутно дека треба да се истакне, но не смееме да ги занемариме и позитивните примери.

„Тие се промената и поривот кои како општество треба да не водат напред. Позитивни примери се општините Карпош, Валандово и Кочани кои први ја препознаа потребата од ваков тип на комуникација меѓу граѓаните и општината. А, особено нè радува што периодов ќе ни се приклучат уште седум други општини“, посочуваат.

Со користењето на „мЗаедница“ и општините би имале повеќе придобивки. Добиваат мултифункционален веб – административен панел, при што во секој момент имаат увид во приоритетите на граѓаните, најчесто пријавуваните проблеми или споделени предлози, критичните точки, како и динамиката на вклученост.

„Апликацијата генерира податоци за 16 теми (важни за локалното живеење) и Општините можат да добијат увид во барањата на граѓаните според нивната возраст, да направат споредба или пак да видат дали некој проблем се провлекува низ повеќе населби (урбани заедници). На тој начин, тие континуирано се информирани за вистинските потреби и можат да креираат поквалитетни и поодржливи политики при креирање на новиот буџет. Автоматски, ‘мЗаедница’ ја зголемува и буџетската партиципативност, учеството на граѓаните во креирање на најважниот документ за општините на годишно ниво. Локалните самоуправи можат да прикачуваат и вести од општината, на дневно ниво, но и да иницираат анкети по различни прашања“, објаснуваат од Центарот.

Праксата, посочуваат тие, покажува дека ако комуникацијата е успешна – за краток рок имате позитивни промени.

„Граѓаните почитуваат кога општинскиот службеник ќе му одговори или со приложена фотографија ќе ги извести дека проблемот е решен. На овој начин, расте довербата на жителите во локалната самоуправа, но и самата администрација е помотивирана за работа“, констатират од „Блинк 42-21“.

Бојан Шашевски