МЗ: Секретарот на болницата во Охрид кој се вакцинирал преку ред ќе биде разрешен и суспендиран

Директорот на Општата болница во Охрид денеска ќе го разреши и суспендира секретарот на болницата, кој спротивно на Националниот план за ковид имунизација се вакцинирал преку ред во модуларната болница во Скопје, информираат од Министерството за здравство (МЗ).

Оттаму велат дека ја осудуваат секоја злоупотреба и прекршување на приоритетните групи опфатени во трите фази на ковид имунизација.

„Укажуваме дека никој кој не е здравствен работник, опфатен во првата група, од првата фаза за имунизација, не смее да се вакцинира. Министерството за здравство апелира до сите здравстени установи, кои ги изготвуваат списоците за вакцинација и ги испраќаат до националниот систем Мој термин, дека за непочитување на планот и стратегијата за вакцинација, како и за секоја злоупотреба на процесот ќе следуваат строги санкции“, стои во соопштението на Министерството.

Инаку, секретарот на болницата, претходно во изјава за медиумите посочи дека се вакцинирал со цел да даде пример за другите.

Процесот на имунизација во земјава започна пред помалку од една недела и според најавите на надлежните ќе се одвива во три фази. Во првата фаза е предвидено да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување ан инфекција.

Истовремено, во оваа фаза предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.