МЗ: Регистрирани 74 нови случаи на Ковид-19, оздравени се 90 пациенти – починати 3 лица

Министерството за здравство (МЗ) информира дека во последните 24 часа се направени 689 тестирања, а регистрирани се 74 нови случаи на Ковид-19. Најмногу се во Гостивар (22), потоа Скопје (14), Штип (13), Киманово (8), Виница (4), Свети Николе, Берово и Кавадарци (3), Кичево (2) и по еден во Струга и Кочани.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 90 оздравени пациенти.

Починати се 3 лица, пациент од Битола (73г.), пациент од Демир Хисар (73г.) и пациент од Скопје (44г.). Сите пациенти се починати во болнички услови.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 11,128, бројката на оздравени пациенти е 6.972, на починати е 500, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.656“, велат од  министерството.

Направени со 689 теста, а вкупно досега во земјата – 106.047.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 4 пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. На кислородна поддршка се 48 пациенти, 1 на механичка вентилација.

„Во болницата во Козле се хоспитализирани 10 возрасни пациенти позитивни на ковид-19 и 3 деца позитивни, како и 7 пациенти суспектни на вирусот.Во ГОБ „8 Септември“ примени се 7 нови, вкупно хоспитализирани се 95 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 26, а во болницата во Штип се хоспитализирани 50 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 114 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19“, соопштуваат од министерството.

Од таму денес репризно ги информираат граѓаните дека Ковид-19 е акутна респираторна болест предизвикана од SARS CoV-2 вирусот што предизвикува поголема смртност кај лица на возраст од над 60 години и кај лица со основни медицински состојби, како што се кардиоваскуларни заболувања, хронична респираторна болест, дијабетес и карцином.

Објектите за долготрајна нега, како што се геријатриските болници, хосписите за палијативна нега, старечки домови и рехабилитациони центри, велат тие, се објекти што се грижат за луѓето кои страдаат од понапредната возраст со бројни коморбидитети и затоа заштитата од ширење и пренесување на ковид-19 е исклучително важна.

„Лицата кои се лекуваат и престојуваат во установи за долготрајна нега се ранливи популации кои се изложени на поголем ризик за неповолен исход и за инфекција поради престој во близина на други лица. Затоа овие установи мора да преземат посебни мерки на претпазливост за да ги заштитат своите корисници на услуги и вработените. Особено е важно спречување на инфекција и контролните активности може да влијаат на менталното здравје и благосостојба на корисниците на услуги и вработените, особено употребата на лична заштитна опрема и ограничувањето, односно забраната на посетителите и групните активности“, осочуваат од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје.

Во моментот во установата има полн болнички стационар од вкупно 300 легла, а исполнети се вкупно 269 болнички кревети.

Тврдат дека се спроведуваат строги протоколи и засилени заштитни мерки за безбедност како на корисниците на услуги, така и на болничкиот персонал. По кусиот прекин, веќе од 1 јуни установата започнала повторно со прием на пациенти со посебна процедура која опфаќа тријажа на корисниците на услуги со цел да се заштитат останатите штитеници од влез на вирус од надвор.

Од министерството велат дека специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“- Скопје изработи и ги спроведува упатствата кои овозможуваат безбедна долготрајна нега на корисниците на услуги во координација со ресорното министерство.

„Со оглед што вирусот Ковид-19 е опасен за постарите лица кои вообичаено имаат и други коморбидитети, од здравствената установа апелираат за целосно почитување на мерките за заштита – носење на маска, одржување на дистанца и зачестена хигиена на раце, како од страна на повозрасните граѓани, така и од страна на помладите за да се заштитат нивните најблиски кои се најранливи“, соопшти Министерството за здравство.