МЗ: Од 416.614 вакцинирани со две дози само 167 се заразиле со Ковид-19

Од 416.614 лица вакцинирани со две дози на вакцина против Ковид-19, 167 лица се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина, а само 11 од нив биле хоспитализирани, покажуваат податоците на Министерството за здравство информира, заклучно со 5 август.

Ова за министерството е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал и според надлежните потврдува дека вакцината е „единствениот начин да се смени сликата зa пандемијата“.

Според последната анализа на министерството, во период од 1 до 31 јули, регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни од тестирани за Ковид-19, од нив 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза.

„Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена. Само 10% од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, има вакцинирани со Синофарм, Астра Зенека, Спутник В, Фајзер, а меѓу нив има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна“, информираат од министерството.

Во Северна Македонија се уште е доминантна британската варијанта на вирусот, но со оглед на брзото ширење на делта, како во светот така и во регионот, многу брзо истиот може да се прошири и кај нас, предупредуваат од министерството. Досега во земјава се детектирани 30-тина случаи на делта варијантата.

Надлежните апелираат граѓаните да покажат што поголем интерес за вакцинација и да се вакцинираат, бидејќи само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на вирусот СарсКов 2 и неговото брзо ширење.

„Во државата има доволно вакцини, а сега на најбрз начин може да се дојде до термин за вакцинација“, уверуваат од министерството.

Во моментов за прва доза имаме 80.000 Синовак, 50.000 Aстра Зенека и 70.000 Фајзер.