МЗ: Двајца починати, 108 новозаразени и 112 оздравени од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство информира (МЗ) денеска информираше дека во последните 24 часа се потврдени 108 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 45 случаи во Скопје, 18 во Куманово, 11 во Штип, девет во Гостивар, по четири во Струга, Велес и Делчево, по три во Прилеп и Свети Николе, по два во Тетово, Струмица и Виница и еден случај во Дебар.

Институтот за јавно здравје регистрирал 112 оздравени пациенти, односно, 32 од Скопје, 20 од Штип, 12 од Кичево, 11 од Гостивар, девет од Свети Николе, осум од Македонски Брод, пет од Битола, по четири од Прилеп и Тетово, три од Велес, два од Кочани и по еден од Дебар и Демир Хисар.

Од МЗ информираат дека во болнички услови починале двајца пациенти од Куманово на 64 и 72 години.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 13076, бројката на оздравени пациенти е 9625, на починати е 551, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2900. Денеска се евидентираат два контролни теста од вчера“, информираат од МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје во изминатите 24 часа примени се шест пациенти, а вкупно се хоспитализирани 76 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 40 пациенти, а нема на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 19 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, шест деца позитивни, две мајки и две деца суспектни на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 8 нови, вкупно хоспитализирани се 73 пациенти. На респираторна машина се 3 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 20, а во болницата во Штип се хоспитализирани 42 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 113 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, стои во соопштението на МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 130.840 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 1.902 теста.