МЗ: 88 новозаразени, три починати и 123 оздравени од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во последните 24 часа се потврдени 88 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 30 случаи во Скопје, 13 во Штип, 11 во Струга, по осум во Куманово и Кичево, пет во Прилеп, три во Тетово, два во Охрид и по еден случај во Дебар, Велес, Битола, Кавадарци, Гостивар, Пробиштип, Кратово и Свети Николе.

Од МЗ информираат дека починале три лица, односно, двајца пациенти од Скопје и еден од Штип.

„Во ГОБ „8 септември“ починати се пациенти на возраст од 43 и 72 години.  Во КБ Штип е почината пациентка на 76 годишна возраст“, стои во соопштението на МЗ.

Институтот за јавно здравје регистрирал 123 оздравени лица, односно, 70 од Скопје, 31 од Тетово, шест од Штип, по четири од Прилеп и Ресен, три од Велес, два од Кочани, и по еден од Пробиштип, Кичево и Неготино.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 8197,  бројката на оздравени пациенти е 4326, на починати е 385, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3486. Од вчерашните тестирања два се контролни“, информираат од МЗ.

На Инфективна клиника во изминатите 24 часа се примени пет нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 92 пациенти.  Од нив, на кислородна поддршка се 52 пациенти, а нема пациенти на респираторна машина.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 23 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, пет деца позитивни и еден дете суспектно на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 8 нови, вкупно хоспитализирани се 88 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 28, а во болницата во Штип се хоспитализирани 54 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар и Струмица се хоспитализирани 110 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 78.133 тестирања на Ковид-19, а во изминатите 24 часа се направени 973 тестирања.